Израелската армија уништи десетици ирански воени цели во Сирија, како одговор на ракетирањето врз Голанска Висорамнина, изјави Портпаролот на израелската армија Јонатан Конрикус.

Тој истакна дека ирански воени сили истрелале околу 20 проектили и ракети од сириска територија врз израелски цели на Голанската Висорамнина, на што било возвратено.

– Тоа е најсериозен обид на иранската специјална единица Ал Кудс да го нападне Израел. Четири од иранските ракети беа пресретнати, а другите не погодија израелски цели, посочи потполковник Конрикус.

Во соопштението на израелската армија се наведува дека извршила воздушни напади врз десетина објекти на Ал Кудс во Сирија, меѓу кои штабови, воени и логистички комплекси на иранската специјална единица, ирански воен камп северно од Дамаск, магацини на Ал Кудс што се лоцирани на меѓународниот аеродром во Дамаск, набљудувачки пунктови, како и локациите од каде биле истрелани ракетите врз Израел.

Израелските авиони ја нападнале и сириската противвоздушна одбрана, откако отворила оган врз авионите, но ниту еден не погодила.

– Израел не е заинтересиран за ескалација на конфликт со Иран. Иранската агресија е уште еден доказ за вистинските намери за зацврстување на иранскиот режим во Сирија и заканите како по Израел така и по стабилноста во регионот, посочи Конрикус.

Тој додаде дека израелската армија нема да дозволи Иран да дејствува од Сирија и оти Дамаск ќе биде одговорен за тоа што се случува на сириска територија.

– Израелските вооружени сили се подготвени за голем број сценарија. Доколку продолжи агресијата врз израелскиот суверенитет и граѓани, армијата одлучно ќе одговори, наведе Конрикус.

Тој додаде дека Израел ја известил Русија пред нападите согласно Механизмот за избегнување на судири меѓу израелската и руската армија во Сирија од 2015 година.