Вечерва, израелскиот безбедносен кабинет ја прифати одлуката за прекин на огнот во Газа, пренесе „Џерусалим пост“.

Не е прецизирано кога примирјето ќе стапи во сила, а „Канал 12“ известува дека треба да почне во 2 часот по локално време.

Состанокот на израелскиот безбедносен кабинет го свика премиерот Бенјамин Нетанјаху. Средбата заврши по три часа.

Контрадикторни извештаи за можен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас се појавија во текот на неделата.

Во средата високиот официјален претставник на Хамас, Муса Абу Марзук, рече дека очекува прекин на огнот за еден или два дена.

Водечките светски претставници работеа на запирање на насилството, а израелскиот безбедносен кабинет разговараше за деталите за воспоставување мир.

Египетски извор од безбедносните сили, чија земја посредуваше меѓу завојуваните страни, рече дека тие во принцип се согласиле да ги запрат непријателствата, но дека треба да се разработат детали.