Репортерката на Скај њуз известува од фронтот во Триполи

Репортажа од Триполи на британската телевизија Скај њуз

Фронтот во Либија претставува хаос. Спонтано организирана група на борци се придружи на различните милиции во одбраната на Триполи, во безредието  исполнето со истрели и напади проследени од панично повлекување, известува репортерката на британски Скај њуз, Алекс Крафорд која е во главниот либиски град, следејќи ги активностите на силите што се обидуваат да ја спречат офанзивата на одметнатиот генерал Халифа Хафтар.

Во градот се поставени барикади од вреќи песок во рамки на импровизираната одбрана. А додека одбраната на Триполи учествува во жестоки борби на периферијата на градот, на само неколку километри од воените дејствија, животот во центарот се одвива нормално. Луѓето ги извршуваат вообичаените активности додека рестораните и продавниците се отворени.

Но, поделените Либијци се со вперено оружје едни кон други, на околу 15 километри од градскиот плоштад. Генералот Халифа се прогласи за чувар на Триполи, соопштувајќи дека се обидува да го освои градот за да го исчисти од терористи. Но, неговите противници ја гледаат неговата офанзива како обид за преземање на власта. Противниците на Хафтар се обединија во т.н. Одбранбени сили на Триполи. 

– Не сакаме нов диктатор. Тој е само уште еден Гадафи – вели еден од жителите на Триполи. 

Голем број на цивили уште се во либискиот главен град под контрола на власта на премиерот Фајез ел Сараџ. Голем дел од нив одбиваат да заземат страна, додека уште е неизвесен исходот од конфликтот. Многумина од нив се лути на Западот.

– Тие го почнаа овој хаос. Каде се сега? – се прашува загрижен повозрасен Либиец, зборувајќи за револуцијата во 2011 година, во која беше соборен Муамер Гадафи. 

Ситуацијата е хаотична и може да стане само уште позаплетката, заклучува репортерката на Скај њуз.