Очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување прави Заев со изјавата дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности, оценуваат од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

– Стратешките определби на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО се јасно дефинирани и непроменети. Зачувувањето на уставното име и изнаоѓањето на решение кое нема да предизвика уставни промени, во никој случај не е насочено против интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Склучувањето на меѓународен договор содржан во еден или повеќе поврзани меѓусебни документи треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена – се вели во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Во врска со повикот на премиерот Заев за поддршка на евентуалниот договор од страна на сите политички чинители, претседателот Иванов уште еднаш укажува дека е потребен широк национален консензус за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните.