Њујорк тајмс

Изјавата на претседателот Доналд Трамп дека корпусот на Иранската исламска револуционерна гарда претставува терористичка организација е прв пат владата на САД да означи дел од странска војска како таков вид на закана. Со ова, Трамп целеше на темелот на иранската држава, кој има огромно влијание врз политиката и економијата, како и врз внатрешните и надворешните воени политики на Иран. Трамп изјави дека корпусот на Револуционерната гарда „активно учествува, финансира и промовира тероризам како алатка во политиката“.

Иранската влада го користеше гардискиот корпус на меѓународно ниво за да создаде, обучи, вооружи и понекогаш да изготви стратегија за паравоените сили и недржавните актери во други држави. Противниците на Иран ги обвинуваа елитните единици на корпусот дека планирале и извршувале атентати во странски држави.

Бидејќи многу фирми се поврзани со гардата, поточно американските и британските, истражувачките групи сметаат дека таа е поврзана со компании што заработуваат над 20 милијарди долари годишно, па санкциите можат да имаат големо влијание врз нив.

Непријателите на Иран, особено Израел и Саудиска Арабија, кои одамна стравуваат од моќта на корпусот, ја поздравија изјавата на Трамп. Но оние кои се потпираат на иранската помош, вклучувајќи го и Ирак, се загрижени како новите санкции дополнително ќе ја нарушат рамнотежата во односите меѓу САД и Иран.

Која е Исламската револуционерна гарда?

Основана на почетокот од 1979 година, иранската револуција што го донесе ајатолахот Рухола Хомеини на власт, Исламската револуционерна гарда започна како воена сила со надлежност да ја заштитува новата влада и Хомеини, кој како врховен лидер, беше најмоќната теолошка и политичка фигура на Иран. Гардискиот корпус директно добиваше наредби од Хомеини и потоа од неговиот наследник, ајатолахот Али Хаменеи, така што неговата моќ не може лесно да се контролира преку другите ирански институции.

Од нејзиното основање, гардата се прошири и сега претставува една од трите разграноци на иранските вооружени сили заедно со војската и полицијата.
Гардискиот корпус располага со над 125.000 активен воен кадар и под негова контрола е паравојската наречена Басиџ, се вели според истражувањето на Меѓународниот институт за стратегиски студии, кој воедно е британска истражувачка група. Басиџ честопати се користи за да ги задуши антивладините протести, како што велат иранските дисиденти и останатите.

Гардата исто така располага со експерти по технологија за балистички ракети и несиметрично војување, има свои воздухопловни сили, морнарица и разузнавачка служба. Критичарите ги обвинуваат разузнавачките оперативци на гардата дека ги следеле сите оние кои ги сметале за непријатели на државата.

Во што се разликува гардата од другите разграноци на војската?

Додека војската ја брани иранската територија, гардата ја штити државата од внатрешни бунтови и закани од идеолошките противници, во и надвор од неа. Припадниците на гардата се сметаат за чувари на револуционерниот жар во Иран.
Гардата најдобро е позната по моќта што ја покажува надвор од Иран, поточно во креирањето на надворешната политика преку обуките на милициите во странските држави и извршувањето на операции, како што е борбата против Исламската држава и против сунитските екстремистички групи кои се сметаат за терористички организации, практично од сите држави.

Гардата исто така се разликува од сите други разграноци на вооружените сили, така што има силно влијание врз оној кој ја има политичката моќ. Гардата, директно и индиректно, има контрола врз договори вредни милијарди долари склучени во градежништвото, електроснабдувањето и инженерството, како и во други стратегиски области како што се телекомуникациите и медиумите. Многу големи компании се врзани со поединци од гардата, или на нивно чело стојат нејзини поранешни припадници.

Кои се гардиските сили на Ал кудс?

Најелитните припадници на гардата се сочинети во силите на Ал кудс кои бројат неколку илјади членови, и чии задачи генерално се насочени надвор од Иран. Се верува дека нејзините припадници извршуваат тајни операции вклучувајќи атентати, и воедно се експерти за несиметрично војување. Тие обучуваат недржавни воени движења во странство, како што се Хамас на палестинските територии, Хезболах во Либан и шиитските милиции во Сирија и во Ирак.

Силите на Ал кудс беа формирани пред повеќе од 10 години од страна на Министерството за финансии, за да поддржуваат странски терористички организации, вклучувајќи ги талибанските и останатите.

Какви напади се поврзуваат со силите на Ал кудс?

Тие опфаќаат обид за атентат на саудискиот амбасадор во Вашингтон, обид за атентат на израелски дипломат во Њу Делхи, како и заробувањето и убивањето на пет американски војници од страна на ирачката милиција во напад во 2007 година во Карбала, Ирак. Се смета дека силите на Ал кудс, исто така, првично ги снабдуваа, а потоа и помагаа во обуките на Ирачаните, за производство на импровизирани бомби што можат да уништат оклопни возила на американските војници во Ирак.

Кои се другите задачи на гардискиот корпус?

Тие сè повеќе ја зголемуваат моќта во земјата преку нивните фирми и пропагандни фракции кои не само што поседуваат медиумски компании, туку се активни и на иранските универзитети. Иако се вклучени во разни бизниси, гардискиот корпус се фокусира на оние кои имаат стратегиски импликации, како што сметаат аналитичарите од лондонскиот Меѓународен институт за стратегиски студии.

Генералот Касим Сулејмани се смета за херој во Иран и можеби за иден лидер на државата. Тој е заслужен за формирање на првите врски меѓу ирачките организации што беа против Садам Хусеин и Иран. За време на иранско-ирачката војна (1980-88 г.), тој склучи сојузи со ирачката шиитска организација Бадр и со курдските лидери од разни партии. Генералот Сулејмани беше особено активен во Ирак по 2014 година, кога ирачката армија капитулираше кога се соочи со агресивните приврзаници на Исламската држава, кои го презедоа Мосул и други градови. Тој помогна во организацијата на младите ирачки шиитски борци кои се обединија во борбата против Исламската држава, и на крајот, заедно со американските воздухопловни сили и силите на Специјалните операции, му помогнаа на Ирак да ја врати контролата врз неговата територија.

Сепак, САД долго време го сметаше генералот Сулејмани за опасна закана, но ни тој не беше скромен во жестоките јавни критики упатени кон администрацијата на Трамп.
Лани во јули, кога претседателот Трамп го предупреди Иран да не им се заканува на САД, генералот Сулејмани, во едно свое обраќање, го нарече предупредувањето „кабаретска реторика“.

Подготвила: Билјана Здравковска