Дали досега постоела пославна млада активистка од Грета Тунберг? Таа е насекаде. Со климатските протести и преку посетата на Обединетите нации и американскиот Сенат. Станува збор за девојче со плетенки кое може да влезе во американскиот Конгрес и со одредена строгост да им порача на конгресмените оти треба подобро да ја работат нивната работа, пишуваат светските медиуми.

Таа е номинирана за Нобелова награда, се поздравува со Барак Обама и е предводник на најголемата младинска револуција за климатски промени до денес. Накратко, Швеѓанката е глобална револуционерна икона за младите, за оние што демонстрираат против климатските промени и против еколошката апокалипса.

Грета Тунберг е млада и гласна, со што го претставува лицето на нова ера во која луѓето веќе не се заинтересирани за старите замисли за функционирањето на светот. Таа затоа претставува цел за говор на омраза, особено на Твитер. Но количеството на омраза насочено кон младата активистка не изненадува во добата на социјалните мрежи. Дури и 16-годишната девојка кој сака да ја спаси планетата е легитимна цел на разни напади.

Омразата која Тунберг ја привлекува доаѓа од разни страни. Тоа делумно се должи поради тоа што го тера светот да се соочи со вистината од која сите се чувствуваат непријатно. А бидејќи е млада и гласна жена, таа предизвикува гнев кај многумина кои сметаат оти жените и особено младите девојки не смеат да изнесуваат провокативни ставови.

Многумина го сметаат вниманието насочено кон Грета Тунберг за одбивно, бидејќи јавноста ја третира како маскота. А дел од вината за ваквата ситуација веројатно сноси и Швеѓанката бидејќи не се обидува да ги придобие оние што не веруваат во нејзината кауза. Тука спаѓаат и двојните стандарди кои произлегуваат од нејзините активности. Таа го помина Атлантскиот Океан во едрилица за да ги намали емисиите на јаглерод диоксид, но нејзината посада потоа отпатува со приватен лет.

Дел од јавноста ја презира бидејќи е дел од т.н. „генерација З“ на родените од средината на 90-те години до почетокот на 2000-те, која многумина од повозрасните ја сметаат за преосетлива. Од друга страна „Генерација З“ ги посочува старите практики како извор на денешните проблеми. Но младата Швеѓанка не смета дека повозрасните генерации се неважни. Напротив, таа ги посочува како клучни за промените потребни за решавање на проблемите. Грета Тунберг нема време за омразата, таа е презафатена со спасување на светот и се чини дека ќе продолжи со борбата за нејзините идеи, заклучуваат светските медиуми.