Наспроти разочарувањето со одлуката на одредени европски лидери да не се почнат пристапни преговори со Северна Македонија, се чини дека политичките сили во државата остануваат насочени кон таа цел, што значи дека тие и натаму мораат да ги почитуваат обврските кои ги прифатија, пишува Том Елис во неговата колумна во грчкиот весник „Катимерини“, насловена „Грција ја поддржува модерна, европска Северна Македонија“.

Што и да се случува на домашната политичка сцена во Скопје во следните неколку месеци, во пресрет на вонредните избори во април, нашите соседи и меѓународната заедница треба да знаат дека Грција се придржува до Преспанскиот договор и ќе продолжи да ги применува неговите услови. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го кажа тоа, иако беше против спогодбата за името кога таа беше договорена од неговиот претходник. Тоа значи дека договорот е поддржан од двете најголеми партии во државата, кои претставуваат околу три четвртини од грчкото гласачко тело.

Стратешка цел и порака која Атина треба да ја испрати во сите правци, без разлика на незначителните несогласувања дома, е дека договорот ќе биде почитуван и оти Северна Македонија треба да стане членка на ЕУ и на НАТО. Преспанскиот договор го поплочува патот за стабилноста на балканската нација и за просперитетот со ветувањето за прием во евроатлантските столбови. Грција имаше важна улога во ЕУ во оваа насока, и има стратешки и комерцијален улег, во нејзиното остварување.

Настрана од забелешките на поранешниот министер од ПАСОК и уставен експерт Евангелос Венизелос оти замрзнувањето на пристапните преговори би можело да има негативно влијание врз имплементацијата на Преспанскиот договор, бидејќи како што тој посочува, користењето на сложеното име дома зависи од почетокот на преговорите и отворањето на поглавјата, Атина и натаму има оптимистички став кон процесот. Таа сака да го испрати надзорот што следува со оценувањето за секое поглавје, што ќе резултира со модернизација на Северна Македонија, за таа да стане доверлив регионален партнер, а исто така се надева дека преговорите ќе се посветат внимание и на грчките грижи за брендирањето на производите.

Меѓународната заедница забележува дека Грција ги исполни нејзините обврски и оти искрено се надева дека ќе стане најблискиот стратешки сојузник и комерцијален партнер на Северна Македонија во регионот, и преку придонес со военото присуство во штитењето на соседот од надворешни закани.

Ова се фактите и тие не можат да бидат игнорирани од никого, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во секој случај, тие ќе одлучат за судбината на нивната држава на изборите во април, се заклучува во колумната во „Катимерини“.