Украинската влада и проруските сепаратисти во источна Украина започнаа со размена на затвореници по принцип „сите за сите“, што значи дека преостанатите воени затвореници од петгодишниот конфликт ќе се вратат дома, објави денеска Кабинетот на украинскиот претседател.

Договорот го постигнаа рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Владимир Зеленски во Париз во декември.

Размената се одвива на контролен пункт во близина на индустрискиот град Хорливка во Доњецк.

Руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на локалните власти на самопрогласената Доњецка Народна Република, објави дека 87 сепаратисти ќе бидат предадени од Киев, а Доњецк ќе врати 55 владини борци.

Украинските сили се борат со сепаратистите во источна Украина од 2014 година, во конфликт во кој загинаа повеќе од 13.000 луѓе.

Спорадични борби продолжуваат и покрај договорот за прекин на огнот.

Досега имаше неколку размени на затвореници меѓу Киев и бунтовниците.

Во последната размена во декември 2017 година, Украина им предаде околу 300 заробеници на проруските сепаратисти, а прими 70 свои борци.