Полицијата ја запре потрагата по фудбалерот Емилиано Сала и пилотот Дејвид Иботсон, откако спасувачите не успеаа да го пронајдат исчезнатиот авиот, пренесува Би-би-си.

Аргентинскиот 28-годишен напаѓач кој неодамна потпиша за премиерлигашот Кардиф и пилотот Иботсон беа на приватен авион кој исчезна од радарите во понеделникот. По тридневна потрага, надлежните одлучија да ја прекинат потрагата по двете лица.

Полицјата од Грнси попладнево на Твитер објави дека е прекината „активната“ потрага по авионот.

Во изјава за медиумите, Дејвид Баркер кој ја водеше потрагата, изјави дека шансите фудбалерот и пилотот да преживеале се „екстремно ниски“.

– И покрај големите напори на властите во Велика Британија и Франција, не успеавме да пронајдеме никакви траги од авионот, пилотот и патникот. Ги прегледавме сите информации кои ни беа достапни и покрај тоа што знаеме дека во авионот имало опрема за спасување, тешка е одлуката да ја прекинеме потрагата – изјави Баркер.

Тој за Би-би-си дополнително изјави го разбира незадоволството на семејството на фудбалерот Сала за прекинувањето на потрагата, но знае дека направиле сѐ што е во нивна моќ.

Според Баркер, длабочината на морето каде што авионот загубил контакт со радарите е околу 100 метри и дека ова останува случај за „исчезнати лица“ за полицијата.