Кварц

За влез во ЕУ Србија чека 10, Црна Гора 11, а Македонија 14 години. Толку години овие држави од Западен Балкан се заглавени во разни пристапни фази за да станат дел од Унијата заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, па дури и Косово во одредени сегменти од процесот. Како што ЕУ се подготвува за едни од најклучните избори во нејзината историја закажани за овој месец, незадоволството на државите кои се на листата за чекање за влез во ЕУ покажува еден начин на сфаќање на предизвиците со кои блокот се соочува сега и во иднина.

ЕУ беше основана во 1993 година со 12 членки од Западна Европа. Оттогаш таа постепено се прошири до 28 членки, со тоа што Хрватска последна влезе во Унијата во 2013 година. Осум држави од регионот на Западен Балкан се на листата за чекање за влез во ЕУ со тоа што мораат да ги исполнат условите од долгиот процес кој вклучува усогласување на државните закони со европската политика и добивање на поддршката од другите членки, Европската комисија, Советот на ЕУ и на Европскиот парламент. Тој процес, исто така, опфаќа напредок во решавањето на внатрешните прашања и етничките тензии поради кои регионот е релативно економски слаб. Но кандидатките се жалат дека процесот е пребавен, а условите за влез се престроги. Во меѓувреме, анти-европското чувство расте, а државите како Кина, Турција и Русија се наметнаа како алтернативно решение.

Во изминатите две години, ЕУ се отвори кон можноста за прифаќање на нови членки од Западен Балкан. Кога ЕУ ја објави нејзината засилена стратегија од 2018 година за регионот, таа вклучуваше и амбициозен план за прифаќање на најмалку две балкански држави, најверојатно Србија и Црна Гора до 2025 година. Проектот за проширување на ЕУ не постои само за да им донесе корист на можните членки, туку и европските лидери веруваат дека ќе им донесе стабилен извоз, демократија и економски развој на нивните соседи, контрола врз стратегиска геополитичка област, спречување на државите како Русија и Кина да го наметнат своето влијание во Европа и стекнување со уште поголема моќ на светската сцена.

Но државите од Западен Балкан како да го губат трпението во процесот. Анкетите покажуваат дека 26 отсто од испитаниците во регионот не веруваат дека нивните држави воопшто ќе влезат во ЕУ. Некои опозициски политичари во Србија веќе апелираат дека нивната држава треба да се повлече од пристапниот процес. На скорашниот самит во Берлин, косовскиот претседател Хашим Тачи побара од САД повеќе да се вклучат во преговорите за да се решат поделбите меѓу Косово и Србија, изјавувајќи за „Ројтерс“ дека „без САД никогаш нема да имаат дијалог, преговори или каков било договор“, затоа што „ЕУ не е обединета во тој процес“.

Незадоволството веројатно ќе се влоши ако ЕУ не ги започне официјалните пристапни преговори за влез на Македонија и на Албанија во јуни, за што европскиот комесар за проширување е уверен дека ќе се случи. Датумот за преговори беше одложен минатиот јуни кога некои членки од ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Холандија, сметаа дека државите не сториле доволно за да го подобрат владеењето на правото и борбата против организираниот криминал.

Во меѓувреме, други држави го наметнаа своето влијание во регионот. Кина смета дека регионот претставува стратегиски начин за да влезе во Централна Европа и да ја прошири иницијативата „Еден појас, еден пат“. Државата секоја година го одржува деловниот самит „16+1“ со централните и источните европски држави, вклучувајќи ги Албанија, Србија и Босна и Херцеговина. Кинеската корпорација за изградба на патишта и мостови (ЦРБЦ) гради патишта, мостови, фабрика за пневматици и индустриски парк во Србија, како и контроверзниот автопат кој ќе ја поврзе државата со јадранскиот брег на Црна Гора. Српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, неодамна изјави дека „не би било нескромно и погрешно Србија да се нарече главниот кинески партнер во Европа“.

Израел и Обединетите Арапски Емирати исто така ги зголемија нивните инвестиции во инфраструктурните и градежните проекти во Западен Балкан заедно со Турција која исто така долги години чека влез во ЕУ. Таа прва ја спомена идејата за влез во ЕУ уште во 2004 година, но членството беше замрзнато, со тоа што Европскиот парламент неодамна воведе необврзувачка резолуција барајќи од ЕУ да ги суспендира преговорите.

Во меѓувреме за некои експерти, руските трговски инвестиции сигнализираат желба „да се создаде балканска политичка и економска зависност“, како што пишуваат Пол Стронски и Ени Хајмс од Институтот за меѓународен мир „Карнеги“. Според нив Русија е против влез на балканските држави во ЕУ и кандидатурата на Македонија да стане дел од НАТО.

Стравовите дека овие држави сакаат да го ослабат европското влијание во регионот и, во случајот на Русија, да ги влошат етничките тензии, ги натераа Франција и Германија да го свикаат најавуваниот самитот за Балкан, кој се одржа во Берлин на 29 април. Но ако нивната цел беше да ги уверат државите дека ЕУ сè уште сака да ги прифати, очигледно е дека тоа не им успеа. Косовскиот претседател Тачи изјави за „Фајненшел тајмс“, по самитот, дека „не само тој, туку и сите лидери од регионот биле разочарани од состанокот во Берлин, затоа што ништо конкретно не се кажало“.

Да бидеме реални, ЕУ сака да реши низа на нерешливи прашања. Осум нерешени гранични спорови сè уште и ден денес предизвикуваат поделби кај балканските држави, кои се останати уште од распадот на поранешна Југославија. Емануел Макрон и Ангела Меркел се надеваат дека наскоро ќе се реши спорот меѓу Косово и Србија, за кој европските претставници сметаат дека го кочи целиот регион. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, одлука која Србија сè уште не ја признава. Како одговор на српското блокирање за членство во Интерпол, Косово неодамна воведе 100-отстотни царини за српските производи. На Берлинскиот самит не беше постигнат никаков напредок, иако друг состанок со двете држави е закажан за јули.
Исто така, треба да им се стави крај на актуелните протести за наводната корупција, државните скандали и авторитарноста на владите во Албанија, Србија и во Црна Гора. Меѓу самите европски лидери постојат разлики околу тоа дали Балканот е подготвен да стане дел од блокот. Некои се загрижени дека преговорите за проширување ќе го зајакнат влијанието на евроскептиците на претстојните избори во Европскиот парламент. Џонатан Кац, висок соработник од институтот „Германски маршалов фонд на САД“ вели дека „тие не сакаат никаков политички ризик и подгревање на тензиите“.

Државите од Западен Балкан можеби ќе се свртат кон други држави како „начин за да се заштитат и барем привремено да компензираат за забавувањето на процесот за влез во ЕУ“, како што смета Вук Вуксановиќ, докторанд на лондонската школа за економија и поранешен аташè за безбедносна политика на српското МНР. Но Вуксановиќ верува дека членството во ЕУ останува „единствената опција која има стратегиска смисла“. ЕУ е најголемиот трговски партнер на регионот, а Европската банка за реконструкција и развој минатиот месец најави дека ќе инвестира 1,1 милијарди евра годинава во Западен Балкан.

Европските лидери велат дека членството е бавен, но вреден процес кој треба да донесе поголем просперитет и мир во регионот каде што многу недостигаат. Државите од Западен Балкан ќе сакаат да се држат до тоа ветување, но не е јасно уште колку долго тоа ќе трае и кој ќе го наметне своето влијание во меѓувреме.

Подготвила: Билјана Здравковска