Пензионирањето на Џозеф Данфорд е најавено за септември

Тивкиот началник на здружениот генералштаб на американските оружени сили, генералот Џозеф Данфорд, најдобро се справуваше со американскиот претседател Доналд Трамп, додека останатите воени лидери беа во центарот на вниманието. Но, Данфорд заминува во пензија во септември, пишува „Форин полиси“.

– Поранешниот маринец Данфорд, не само што ги избегна „стапиците“ кои доведоа до падот на неговите претходници, туку и уживаше во неговата улога. Тивок, студиозен и скромен, Данфорд ќе остави долгорочно наследство. И покрај слабото експонирање, Данфорд покажа дека може да се справи со претседателот подобро од кој било, а особено подобро од Џон Кели или Џејмс Матис кои се пензионираа пред него. Тој е последниот возрасен човек што ќе ја напушти просторијата – се наведува во анализата на „Форин полиси“.

Меѓу значајните одлуки на Данфорд се наведува обновувањето на разговорите со неговиот руски колега Валериј Герасимов во 2017 година, по тригодишна пауза, како и неговото влијание во одвраќањето на Трамп од намерата да го нападне Иран во јуни.

Претходно, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис ги ограничуваше драматичните воинстени импулси на Доналд Трамп во изминатите две години, се до одлуката на американскиот претседател за повлекување од Сирија, која го наведе Матис на оставка. Различните ставови на Матис, кој е познат под прекарот Бесен пес, и на Трамп, поради повлекувањето на американските трупи од Сирија, е последното несогласување во врска со пристапот кон користење на војската и покажувањето на американската моќ.