Фото: Маја Јаневска-Илиева

Третата и последна фаза од имплементацијата на Преспанскиот договор започнува следната недела на 9 јануари кога е закажана собраниската седница за усвојување на уставните измени. Текстот на амандманите на Уставот на предлог на Владата за да поминат треба да бидат поддржани од најмалку две третини од пратениците во законодавниот дом.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека ќе стори се да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка на уставните амандмани, на пленарната седница. Тој е оптимист дека процесот ќе заврши успешно, и порано од предвидениот датум за гласање на амандманите предвидено за 15 јануари, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува во расправата, но и дека поддршката со број на пратеници ќе се знае на чинот на гласањето.

-Ќе сторам се до последен момент за да обезбедиме двотретинско мнозинство и тоа ќе го соопштиме на јавноста во моментот на гласањето, или ќе споделиме задоволство од тоа што е постигнато или ќе ја понесеме одговорноста на целиот фокус што го дадовме на интеграциите, дополни Заев.

Најави дека во наредните денови ќе има разговори со партиите, вклучително и со Билал Касами од Беса и со Зијадин села од Алијансата на Албанците од кои како недвојбени поддржувачи на интеграциските процеси на Македонија, вели, очекува сериозност и одговорност.

Тој очекува до средината на јануари процесот да заврши успешно а потоа топката се префла во Грција. Верува во зборот на како што рече, неговиот пријател, премиерот на Грција, Алексис Ципрас, дека има парламентарно мнозинство за да се ратификува Договорот од Преспа.

Она што создава сомнеж во реалноста на уверувањата на Ципрас се најавите од неговите коалициски партнери Независни Грци дека ќе ја напуштат Владата штом Договорот дојде во грчкиот Парламент.

-Кога и доколку дојде договорот, ние ќе си заминеме од министерствата, рече заменик министерката за одбрана на Грција, Мариа Коља-Царуха од редовите на Независни Грци во интервју за солунското радио „Фокус ФМ“ изразувајќи уверување дека Ципрас одново ќе го разгледа договорот.

Таа додаде дека „другата страна не се држи до тоа што беше договорено“, и истакна дека станува збор за прелиминарен договор меѓу двајца министри, а не договор, бидејќи, како што објасни не бил ратификуван од парламентите на двете земји, јави дописничката на МИА од Атина. Постојат различни елементи во овој договор за кои ние, не се согласуваме, а генерално со терминот Македонија, наведува Коља-Царуха.

Портпаролката на Нова демократија и европратеничка, Мариа Спираки, пак, во интервју за грчкото радио „Њуз247“, уште еднаш повторува дека Нова демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во овој, ниту во следниот парламент.

-Мислам дека не постои нешто друго околу ова прашање. Ова им го имаме кажано на сите наши соговорници и во и надвор од Грција, го имаме кажано со истиот речник, го имаме кажано на сите јазици. Нова демократија нема да го ратификува договорот, ниту во актуелниот ниту во следниот парламент, каде што ќе имаме мнозинство, вели Спираки.

Во однос на најавите на коалицискиот партнер во владата и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, дека ќе се повлече од владата кога договорот дојде во грчкиот Парламент, Спираки вели дека тоа ќе создаде нова ситуација и Ципрас ќе мора да побара доверба од парламентот.

За можноста Нова демократија да достави иницијатива за гласање недоверба на владата, Спираки уште еднаш повтори дека „сите парламентарни оружја се на маса“, а кое ќе го искористат „е одлука на лидерот на партијата, Кирјакос Мицотакис“.

Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изразил очекувања дека на крајот на февруари во Грција ќе се случи прво ратификување на протоколот за членство на Македонија во Алијансата. Како што изјави Заев, тоа било наведено во писмото што Столтенберг му го испратил нему и на Ципрас како охрабрување со кое сакал да даде до знаење и кај нас и во Грција колку е вреден Договорот од Преспа.

– Навистина во европски манири со одважност на двете страни да се донесе решение на спор што беше тег што Македонија ја влечеше надолу и истовремено беше уште еден нерешен спор во Грција. Ваквото решение треба да биде дополнителна мотивација на парламентите  во Македонија и во Грција да бидат позитивни во одлуките, затоа што НАТО се подготвени во средината на февруари да ги почнат сите постапки и процедури, рече Заев.