Со половина час задоцнување денеска во Кривичниот суд почна ново рочиште за нападот врз Зијадин Села, лани на 27 април во Собранието на Република Македонија.

Рочиштето почна со изведување докази на обвинението, односно со прикажување на снимка од мобилен телефон.

На рочиштето, на кое се присутни сите обвинети, поканети се пет сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев кој уредно бил повикан, но писмено го информирал судот дека не може да присуствува на расправата поради работни обврски кои од претходно биле испланирани.

Неговиот телохранител, Александар Трајков поради работни обврски ќе задоцни на расправата.

Пратеникот Влатко Ѓорчев неуредно бил известен и поканата е вратена со напомена дека известувањето го примила куќната помошничка.

На минатото рочиште во судницата околу шест часа се гледаа снимките од безбедносната камера во ходникот пред влезот во Прес-центарот во Собранието, од ТВ камерите кои снимаа внатре во Прес-центарот, како и снимки од запленети мобилни телефони од граѓани кои во тој момент биле присутни.

За обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини.