Илинденското востание е крик за обединување, а делбите не се патриотизам, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, кој по повод националниот празник Илинден се обрати од Мечкин камен.

– Сите ние Македонци, Албанци, Срби, Роми, Бошнаци, Турци и сите други, сметаме дека е патриотска должност да се помириме и обединиме, а Мечкин камен треба да биде камен темелник на заедништво и разбирање, не на поделби и каменување – рече премиерот Заев.

Тој додаде дека ќе продолжиме и во иднина да ја градиме нашата земја како што ја граделе партизаните, партизанките, комитите и комитките.


Владина делегација положи цвеќе пред гробот на Никола Карев

Централната прослава на големиот државен празник 2 Август Илинден – Денот на Републиката кој оваа година се одбележува под слоганот „Сите сме деца на Илинден“ во Крушево започна со оддавање почит и положување на свежо цвеќе и венци на вечното почивалиште на Никола Карев, првиот претседател на Крушевската Република во Македониум.

Претседателот на Владата Зоран Заев предводеше висока владина делегација во состав Заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министер за здравство, Венко Филипче, министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерка задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и заменик министерот за култура, Владимир Лазовски којашто положи цвеќе и оддаде почит.

Потоа, владината делегација предводена од премиерот Заев оддаде почит и положи цвеќе на споменикот на Слива, којшто се наоѓа во близина на Крушево и претставува симбол на саможртвата на македонските востаници во одбраната на Крушевската Република.

Владината делегација и премиерот Заев присуствуваа и на Панихида којашто традиционално се организира секоја година во чест на загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола во Крушево.“

Во рамки на овогодинешната прослава на големиот државен празник 2 Август Илинден, владина делегација во состав од Арбер Адеми, Министер за образование и наука, Дејан Павлески, заменик министер за локална самоуправа учествуваа во централната прослава на празникот во Скопје и оддадоа почит и положија цвеќе на спомениците на Методиј Андонов Ченто, првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ и на споменикот на Никола Карев, првиот претседател на Крушевската Република.

На прославата во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, учествуваше владина делегација во состав од Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество и Благе Петровиќ, заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.