Никарагва доби статус на „неслободна“ земја според истражувањето на „Фридом хаус“ откако власта организираше акција за справување со антивладините протести

Падот на демократијата во светски рамки е во алармантна состојба поради фактот што во голем број земји започнуваат да владеат авторитарни власти, пишува во истражувањето на „Фридом Хаус“, а пренесува британски „Индипендент“.

Годинешното истражување на американската организација под името „Слобода во светот“ покажува дека 2018 година е 13-та по ред во која слободата во земјите во светот се влошува.

Во вкупно 68 земји на светот е забележано опаѓање на политичките права и граѓанските слободи во последните 12 месеци, додека само 50 земји забележале напредок на овие полиња.

– Повеќе авторитарни сили и власти во светот сега ја забрануваат опозицијата или ги апсат нивните лидери, ги менуваат роковите на мандатите и ги притискаат независните медиуми – пишува во истражувањето на „Фридом Хаус“.

Експертите исто така идентификуваат „криза на довербата“ во САД и Европа, каде според „Индипендент“, силната популистичка десница се бори против демократските принципи како што е поделба на власта, слобода на медиумите и правна заштита на мигрантите.

На пример, Унгарија од „слободна“ стана „делумно слободна“ земја во минатата година. Премиерот Виктор Орбан во текот на својот мандат забележа најдрастичен пад на слободите што е некогаш забележан од „Фридом Хаус“ во земја која е членка на Европската унија.

Србија исто така го заработи статусот „делумно слободна“ поради изборни нерегуларности и инсистирањето на претседателот Александар Вучиќ да го смени уставот во негова корист.

Организацијата, исто така, понуди и застрашувачка проценка за „нарушеното здравје“ на американската демократија, забележувајќи ги нападите на Доналд Трамп врз правдата и новинарството. Дополнително, констатирано е дека Владата на Трамп неправилно ги ограничила правата на барателите на азил во САД и дека имиграциските политики станале претерано „груби“ и неметодични.

– Најголемата закана доаѓа од фактот што американската демократија не е бесконечно издржлива, особено кога претседателот не ги почитува демократските принципи – изјави Мајкл Џ. Абрамовиц, претседателот на „Фридом Хаус“.

Тој дополни дека антидемократската реторика и отфрлањето на демократските ограничувања на власта можат да бидат првите чекори кон вистинско ограничување на слободата.

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган беа реизбрани на минатата година, додека кинескиот Конгрес изгласа амандман со кој се отстранува ограничувањето на два претседателски мандата, со што овозможи Си Џинпинг да владее со Кина на неодредено време.

Во Централна Америка, Никарагва го доби статусот „неслободна“ земја, откако власта организираше акција за справување со антивладините протести, во Венецуела беа спроведени нерегуларни избори, а новоизбраниот Жаир Болоснаро покажа носталгичност за воената диктатура во Бразил.

„Фридом Хаус“ забележа дека 24 земји во светот – вклучувајќи ги Русија, Кина, Турција, Иран и Саудиска Арабија – таргетирале политички дисиденти со барања за екстрадиција, киднапирање или со атентати минатата година.

Етничкото чистење е уште еден тренд кој е во пораст, со фактот што постои појава на зголемување на обидите на властите да ги регулираат етничкиот состав на населението на нивната територија и напади на слободата на изразувањето преку новите алатки како што се интернет-цензурата и набљудувањето.

– Ако земјите започнуваат да се вртат кон диктатурата, слободните општества можат да се најдат изолирани во опасниот и хаотичен свет – изјави Сара Репучи, виша директорка во „Фридом Хаус“.

Зголемен број на политички експерти веруваат дека забележале промена на начинот на размислувањето меѓу гласачите кој оди подалеку од традиционалните идеи за левица и десница, промена која зависи од класата, образованието и од религиозноста на широката народна маса.