Увидот на местото на хеликоптерската несреќа е завршен, а хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи сè уште се наоѓа на скопскиот аеродром и во положбата затекната по падот. Локацијата е обезбедена, а во текот на утрешниот ден хеликоптерот ќе биде пренесен од аеродромската писта на друга локација, каде ќе се обезбедува до крајот на постапката, соопшти Јавното обвинителство.

Од таму наведуваат дека во зависност од обезбедените докази како и од наодите во извештајот на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, ќе бидат утврдени причините за хеликоптерската несреќа. Доколку притоа бидат утврдени пропусти од субјективен карактер, Јавното обвинителство ќе поведе кривична постапка.

Несреќата се случи утрово околу 11.30 часот на Меѓународниот аеродром Скопје. Според првичните информации, во хеликоптерот имало пет лица. Откако полицискиот воздухоплов наполнил гориво, паднал при полетувањето од засега непознати причини. Како можна причина за несреќата се наведува и силниот ветер. Едно лице е повредено.

По наредба на јавниот обвинител обезбедени се видео записите од камерите на аеродромот, како и аудио снимките од комуникацијата на пилотот со контролата на летот. Извршен е првичен разговор со пилотот и со уште четири лица од екипажот на хеликоптерот.

На местото денеска беа и претставници на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, кои ќе изготват извештај за незгодата.