Децата презадоволни, Шпанците со највисоки оценки за организацијата на кампот во Охрид

По петдневното кралско доживување на децата, во петокот, со стандардниот утрински тренинг на фудбалерите и натпреварот помеѓу сите учесници и тимот на тренерите, беше означен крај на вториот камп на Реал Мадрид во Македонија (Real Madrid Foundation Campus Experience Macedonia). Пет дена исполнети со многу фудбал, едукација, дружење, прошетка до нашиот бисер Охрид и стекнување пријатели за цел живот.

Според програмата на организаторот, кампот беше затворен со завршната церемонија на која децата ги добија своите сертификати и албум со фотографии кои ќе им останат како спомен за цел живот. Нашите храбри учесници и на ниски температури покажаа дека фудбалот за секој од нив е повеќе од љубов, а ние сме горди што имавме деца за пример.

Менаџерот на „Real Madrid Foundation Campus Experience“, Карлос Касилјас Санчез на завршната манифестација ги изнесе своите импресии и се заблагодари за гостопримството на Охрид и Македонија и изнесе поенти од самиот настан.

– Нашата главна цел во кампот не е талентот туку спроведување на повеќе цели, а тие се да ги учиме децата на вредности и тоа: тимска работа, респект, лидерство, самоконтрола и напорна работа. Ние сакаме нашите деца да продолжат да учат и да бидат подобри не само во фудбалот туку и во нивниот секојдневен живот.
Македонија и Охрид се извонредно место за да ги пренесеме нашите вредности и знаења. Начинот на кој бевме примени од нашите домаќини ја олесни нашата работа и тоа во голема мера. Се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме со организирање на вакви кампови во Македонија и се поголем број на деца ќе бидат дел од истите – изјави Санчез.

На самиот крај на свеченото доделување на сертификатите, организаторот преку менаџерот Санчез и тренерите Валерио и Хуанан и приреди изненадување на малата Елеонора која токму на 18-ти јануари го прослави својот 15-ти роденден.