Графит на кој се претставени борците на ОВК на Косово

Блиските на жртвите во воените злосторства починети од Албанците на Косово, веројатно ја загубија надежта дека ќе дочекаат правда, но на повидок има утеха, пренесува „Јаху њуз“. Косовските медиуми шпекулираат дека Меѓународниот суд во Хаг, поддржан од ЕУ, неделава ќе ги соопшти првите обвиненија за поранешните борци на т.н. Ослободителна војска на Косово (ОВК) кои војуваа помеѓу 1998 и 1999 година. 

Дел од албанското население, како и Србите и Ромите на Косово, кои беа цели на ОВК, сметаат дека нивното страдање е заборавено. Тие се нарекуваат себеси „жртви од втор ред“.

– Овој трибунал претставува последна надеж за фрлање светло врз атентатите на Косово – вели новинарката Беријана Мустафа (36) од Приштина, чиј татко бил убиен откако ги критикувал командирите на ОВК.

Лидерите од српската страна беа гонети и судени од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но ниту еден од косовските лидери досега не е осуден.

– Надежта умира последна – вели Наташа Шќепановиќ (54) која го предводи здружението на српските жртви кои се надеваат на правда. 

Телото на нејзиниот татко било пронајдено во 2003 година, неколку години откако бил убиен, додека нејзината мајка е меѓу 1.700 лица кои уште се водат за исчезнати. 

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај беше ослободен од Меѓународниот суд во Хаг за обвиненијата за воени злосторства починети додека беше командир во ОВК. Во 2008 година, наводните злосторства починети од ОВК беа потенцирани во книгата на поранешната обвинителка од хашкиот суд, Карла дел Понте. Потоа уследи и извештај на Европскиот совет, во кој ОВК беше обвинета за киднапирања, убиства и други воени злосторства. 

ЕУ потоа го финансираше Специјалниот суд на Косово, кој беше оформен во 2015 година за да ги истражи воените злосторства на ОВК, вклучувајќи ја смртта и исчезнувањето на околу 500 лица. Медиумите сметаат дека обвинителството ќе се соочи со некомплетни докази во овие случаи, поради изминатото време, односно оти дел од сведоците се починати.

Дел од поранешните борци на ОВК биле повикани на испрашување во Хаг, додека многумина се сомневаат оти правдата ќе биде задоволена, и покрај шпекулациите за покренување обвиненија.

– Се што се случи сугерира дека овие случаи никогаш нема да бидат затворени – смета Маринко Ѓуриќ кој загубил седум членови на семејството во војната.