Грета Тунберг доби заслуга за мотивирање на гласачите да го сменат политичкиот пејзаж во Австрија, два дена откако собра седум милиони демонстранти ширум светот преку апелот за заканата од климатски промени, пренесува Блумберг.

Партијата на Зелените неочекувано доби тројно поголема поддршка на вчерашните избори со 14 отсто од гласовите, според прелиминарните резултати. Овој резултат ја позиционира партијата како видлив избор за коалиционен партнер за Народната партија на Себастијан Курц. Тоа покажува дека загриженоста за животната средина се пробива меѓу приоритетите на политичката агенда во Европа.

– Тематскиот развој навистина им помогна на Зелените. Тука мислам на Грета Тунберг. Ова е област во која Зелените имаат кредибилитет во изминатите 20 до 25 година – вели социјалдемократот Томас Дрозда. 

Во изминатите две години откога Курц последен пат победи на изборите, загриженоста поради глобалното затоплување стана главен приоритет за Австријците (раст од 11 процентни поени), според последните истражувања на Евробарометар. Отприлика толку се зголеми и поддршката за Зелените во Австрија.

– Заштитата на климата стигна во центарот на вниманието на нашето општество. Справувањето со климатските промени на сите нивоа е клучно – порача Бригит Хебајн од партијата на Зелените, додавајќи дека ваквата ситуација е резултат на движењето покренато од шведската активистка Грета Тунберг пред една година.

Во екот на летните топлотни бранови, топењето на глечерите и изумирањето на шумите, климатските промени почнаа да ја менуваат политиката на Европската Унија. Германската канцеларка Ангела Меркел губи популарност на сметка на тамошната партија на Зелените, бидејќи германската јавност ја смета за премногу воздржана во поглед на заштитата на животната средина. Новодојдената претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, истакна дека чувањето на планетата е прашање од главно значење за Унијата.