Францускиот претседател Емануел Макрон се соочува со обвинувања оти ја држи Македонија „во заложништво“, со цел да го реализира сопствениот сон за поблиска интеграција меѓу земјите-членки на ЕУ, пишува британски „Телеграф“.

– Францускиот претседател кој се прикажува како еврофил е обвинет за блокирање на преговорите помеѓу Брисел и Скопје за приклучување на Македонија во ЕУ. Брисел, пак, го користи членството во ЕУ како награда за да ја наведе Македонија кон прифаќање на контроверзни и широки реформи, во кои спаѓа и промената на името – тврди британскиот весник.

Макрон во март предложи серија реформи за подобра иднина на Европската Унија. Во авторска статија, која беше објавена во повеќе весници во Европа, Макрон побара формирање агенција за заштита на ЕУ од кибер-напади. Во пресрет на мајските избори за Европскиот парламент, тој заговараше забрана за финансирање од странски сили на европските политички партии. Шефот на француската држава предупреди дека Унијата како институција мора да се реформира за да спречи повлекување кон национализмот на нејзините земји-членки.

Според него, Унијата треба да постигне нов договор за одбрана и безбедност, како и да основа европски безбедносен совет, кој би ја вклучувал и Британија. Користејќи го брегзит како пример, Макрон исто така предупреди да не се дозволи членките на ЕУ да „потонат во национализмот“.

На завчерашниот состанок на шефовите на дипломатиите во ЕУ, во полза на датумот за преговори за Македонија се изјасниле 13 држави, меѓу кои се Италија и Полска, кои сметаат дека кредибилитетот на ЕУ е доведен во прашање откако Македонија постигна спогодба со Грција за ставање крај на спорот за името, со што го отвори патот кон ЕУ и кон НАТО. 

Македонија уште има најдобри изгледи да добие датум за преговори со ЕУ, и покрај одложувањето предизвикано од поделените мислења помеѓу земјите-членки, пренесуваат странските медиуми. Министрите за надворешни работи се обврзаа да се навратат на ова прашање во октомври.