Европската Унија наведува дека дупчењата што ги врши Турција во источниот Медитеран се незаконски, поради што ќе бидат преземени одредени мерки против официјална Анкара. Сепак, Анкара ветува дека ќе продолжи со своите активности во Медитеранот.

На состанокот на Советот на Европската Унија во Брисел, на кој присуствуваа министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ е усвоена декларација за санкции против Турција.

Во текстот на декларацијата се наведува дека ЕУ одлучила да го намали износот на средствата од претпристапните фондови за Турција, да ја разгледа кредитната активност на Европската инвестициона банка во Турција, да го прекине процесот на преговори со Турција за договор за воздухопловство и на одредено време да ги суспендира средбите на високо ниво со Советот за приклучување.

Во декларацијата, исто така, се наведува дека, ако Турција продолжи со активностите на дупчење, ЕУ ќе разгледа уште некои мерки на претпазливост.

Сепак, Анкара веднаш реагираше решително на одлуката на ЕУ.

– Одлуката на ЕУ за прекин на преговорите на највисоко ниво со Турција нема да влијае на нашата решеност да продолжиме дупчење во источниот Медитеран. Турција ќе продолжи да ги штити своите права и правата на Турците во Кипар – се вели во соопштението од турското Министерство за надворешни работи.