Три од најголемите европски економии – Германија, Италија и Обединетото Кралство, се во рецесија или на работ на рецесија, што би можело да претставува опасност за еврозоната, пренесува „Маркетс инсајдер“.

Во Германија, која го претставува ’рбетот на индустријата во Европа, стапката на невработеност е во пораст по втор пат во изминатите три месеци. Згора, индустриското производство во Германија опадна за 1,5 проценти во јуни.

Економијата на Обединетото Кралство забележа пад првпат по 2012 година, а италијанската должничка криза се влошува поради политичката нестабилност во државата.

Коалицијата на германската канцеларка Ангела Меркел во Германија „виси на конец“, додека новиот британски премиер Борис Џонсон има тесно мнозинство засновано на едно пратеничко место. Токму затоа Германија и Италија се соочуваат со можноста за предвремени избори, слично како и Шпанија и Белгија.

Политичките превирања се одразуваат негативно врз бизнисот во Европа. Шпанската групација за инфраструктура „Феровијал СА“, на пример, посочи дека благото намалување на продажбата во домашни рамки се должи на „несигурната политичка клима“, пренесува Блумберг. 

Се очекува Европската централна банка да ги намали каматните стапки за да го олесни притисокот врз Стариот континент, но ваквата мерка можеби нема да биде доволна за поправање на непогодната ситуација, сметаат познавачите на состојбите.