Тел Авив е подготвен за „Евровизија“ наспроти притисоците и контроверзите

Домаќинот Израел се обидува да го искористи популарниот избор за песна на Евровозија за да се претстави како толерантна и космополитска држава која се стекнува со прифаќање во светски рамки. Но, и покрај напорите за „брендирање“, кич-фестивалот е обвиен со политички конфликт и контроверзи, пренесува американската телевизија Еј-би-си њуз. 

Палестинските милитанти го бомбардираа југот на Израел со стотици ракети минатата недела, со што се појави загриженост оти музичкото натпреварување би можело да биде попречено од насилство.

– Дефинитивно има повеќе контроверзи околу натпреварувањето во Израел во однос на претходните изданија на „Евровизија“ – вели Џон Кенеди О’Конор, кој го следи историјатот на Изборот за песна на „Евровизија“.

Музичката манифестација беше создадена за да ја обедини Европа по Втората светска војна, но со текот на годините се претвори во спектакл на претерување кој ги соединува учесниците од 41 држава, од кои дел немаат ништо заедничко со Европа, како што е примерот со Австралија.

Израел веројатно претчуствувајќи ги контроверзите одлучи да ја организира „Евровизија“ во културната престолнина Тел Авив, позната по плажите, наместо во конзервативниот Ерусалим. Набргу, палестинското движење БДС ги повика изведувачите да се повлечат од натпреварувањето поради начинот на кој Израел постапува со Палестинците. Десетици европски музичари, предводени од славниот фронтмен на „Пинк Флојд“, Роџер Вотерс, потпишаа писмо преку кое се бара натпреварувањето да биде преместено на друга локација. Активисти што се залагаат за бојкот упаднаа на бината за време на евровизискиот национален избор во Франција. Претставниците на Исланд, пак, се заканија дека со нивната изведба ќе го покажат „лицето на окупацијата“.

Се чини дека БДС успеа да го привлече вниманието на меѓународната јавност кон темите што Израел сака да ги избегне. Згора, одржувањето на изборот во Израел се совпаѓа со денот на кој Палестинците ја одбележуваат годишнината од егзодусот во 1948 година, за кој се најавени бројни протести. Имаше тензии и на прес-конференцијата во пресрет на изборот, на која организаторот го спречи поставувањето на прашања до учесниците во врска со ракетните напади. Токму затоа, Израел вложи 5,6 милиони долари во обезбедување на настанот, што е значително поголема сума во однос на претходните изданија на „Евровизија“. 

Неодамнешните ракетирања, повиците за бојкот и најавите за протести веројатно влијаеја врз интересот за следење на „Евровизија“, што го потврди и Асоцијата на хотелиери на Тел Авив која информираше дека бројот на странски гости е помал од очекуваниот (се проценува дека хотелите ќе примат пет илјади гости наспроти очекуваните 15 илјади). 

О’Конор потсетува дека манифестацијата и претходно успеала да преброди контроверзи, па така, организаторот ги спроведе подготовките за Изборот за песна на „Евровизија“, наспроти сите проблеми и притисоци. Годинашната манифестација почнува денеска со првата полуфинална вечер, додека Тамара Тодевска ќе ја претставува Македонија во второто полуфинале в четврток. Финалето е закажано в сабота.