Додека Кина води трговска војна, економијата забавува и има немири во Хонгконг, Си Џинпинг ќе го искористи партиското заседание за да се насочи повеќе кон зголемување на неговата контрола над Комунистичката партија

Њујорк тајмс

Автор: Крис Бакли

Забавен економскиот раст. Горка трговска војна. Непослушни демонстранти во Хонгконг. Масовно изумирање на свињите и пораст на цената на храната. Проблемите не престануваат да се зголемуваат за кинескиот лидер Си Џинпинг.
Но заседанието на политичкиот врв од Комунистичката партија оваа недела ќе расправа за ризиците кои се провејуваат и го загрижуваат Си, како што се нефункционалноста, поделбите и нелојалноста во партијата.

Владеењето на Комунистичката партија постепено би можело да се распадне ако партијата не успее да ја зајакнува контролата врз Кина, како што Си порача во еден скорашно објавен говор, во кој ги цитираше царевите чии династии пропаднале поради корупцијата, слабата дисциплина и борбата за власт. Централниот комитет, партиската конклава од околу 370 постари претставници, ќе заседава четири дена во Пекинг, почнувајќи од денеска, за да ги одобри политиките чија цел е избегнување токму на овие опасности.

Во говорот кој Си го одржа на почетокот од ланската година, но дури овој месец беше објавен во водечкиот партиски весник „Чуши“, тој порача дека „уште од дамнешни времиња до денес, кога слабееле или пропаѓале големите сили, заедничката причина била губењето на централниот авторитет. Исто така додаде дека „според него, секој е сам свој непријател, а спречувањето на несогласувањата започнува од домот“. Си предупреди дека оваа година Кина мора да се подготви за „борба“, што претставува застрашувачки термин за домашните и надворешните предизвици, а неговата цел ја опиша како градење на авторитарна тврдина против секакви потреси. На овонеделниот состанок, воедно наречен и пленум, ќе се настојува за подобрување на кинеската политичка одбрана, а особено пошироката употреба на напредна технологија за следење и управување со функционерите и граѓаните.

Според официјалната кинеска новинска агенција „Шинуа“, Си ги претстави предлозите уште првиот ден, но не беа откриени детали. Професорот по право на универзитетот „Беиханг“ во Пекинг, Тиен Фајлонг, вели дека „неговиот став се однесува на наредните 30 години. Системот не е доволно силен за борбата против сите видови на надворешни сили, затоа што уште има многу пропусти“.

За критичарите, желбата на Си за централизирање на моќта не е лек за погрешните кинески политички чекори, туку една од главните причини. Силниот притисок врз ниските ешалони да ги усогласат ставовите со лидерот не им дозволува да дебатираат, да ги забележат погрешните чекори и да го променат курсот, како што критичарите сметаат.

Некои го посочија погрешното однесување на Си од почетокот на оваа година за тоа колку далеку отиде со притисокот врз администрацијата на Трамп во трговските преговори, и на безизлезната позиција на Кина во Хонгконг каде што демонстрантите се на улиците веќе 21 недела.

Џонатан Фенби, претседател на фирмата за инвестициско советување „ТС Ломбард“, за Кина вели дека „главниот проблем потекнува од природата на политичкиот систем кој се шири во сите сфери на дејствување, а политичките ограничувања ја нарушуваат иницијативата“.

Гласини за незадоволство

За Си најзначајното прашање за политички опстанок е контролата над партијата, а тој делува како да сака да ги спречи неуспесите да прераснат во поголеми сомнежи за него и за партискиот капацитет за владеење.

Од 2012 година, тој постојано започнуваше кампањи за да ги искорени корупцијата, фракциите и бирократските поделби во сите слоеви на власта кои, како што тој смета, биле причината за слабеењето на моќта на неговите претходници. Лани го промени законот за претседателски мандат, со тоа што го отвори патот за доживотен претседател, генерален секретар на Комунистичката партија и командант на кинеската војска.

Фенби наведе дека „пленумот е најновиот чекор во неговата кампања. Тој можеби ќе донесе институционални промени за преструктуирање на давањето наредби и понатамошна централизација на власта. Но главниот елемент ќе биде интензивирање на личното лидерство на Си“.

Двајца пензионирани функционери од Пекинг и еден бизнисмен кој контактира со високи владини претставници, кои сакаа да останат анонимни, забележале резервираност во партиската елита за политиките на Си. Дури и да е така, таквото мислење нема да прерасне во здружена опозиција.

Џуд Бланшет, претседавачот за кинески студии од Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, вели дека „гласините за незадоволство, па дури и непријателство кон власта на Си, се широко распространети, но тој цврсто се држи за власта“. Поголема загриженост за Си и другите лидери од врвот е подобрувањето на ефикасноста и моралот на стотици илјадници помлади функционери кои ги туркаат нивните политики.

Многумина претставници од средниот ешалон гледаат со презир на антикорупцискиот став на Си, поради што имаат намалени примања и влијание, како што вели Ке Хуачинг, професор на кинескиот универзитет за политички науки и право во Пекинг, кој ги изучува правилата и функционирањето на партијата.

Политичките кадри исто така беа казнети затоа што се жалеле за владините политики, одбивале прераспределба и ширеле лажни гласини за лидерите. Кога партијата неодамна ја најави казната за Лу Шиу, поранешниот претседател на кинеската Регулаторна комисија за безбедност, таа соопшти дека неговото лошо однесување вклучувало „променлив“ политички став и неуспешно строго спроведување на одлуките на централните лидери.

Професорот Ке за ова изјави дека „Кинеската комунистичка партија можеби ќе се спаси без да направи чистка, но во иднина може да се распадне“.

Модернизирање на системот

Иако комитетот обично заседава еднаш годишно во хотелот „Џингши“ во западен Пекинг, оваа сесија невообичаено беше одложена, со тоа што поминаа 20 месеци од последното заседавање.

Ова ги подгреа шпекулациите дека Си стравува од нарушување на процедурите. Други се сомневаа зошто на состанокот се дискутирало за партиската организација, кога Кина се соочува со многу погорливи проблеми.

Бланшет порача дека „Си сакал да одложи големо заседание на Централниот комитет додека не процени дека е изграден консензус, за да може да застане пред неговата партија со загарантирани успеси“.

Во изминатиов период, Си забележа неколку такви успеси. На 1 октомври ја предводеше воената парада со која се одбележаа 70 години од комунистичкото владеење, додека уживаше во силните извици на лојалност од 15.000 војници. На крајот на месецот, кинеските и американските преговарачи се договорија за привремена пауза во трговскиот спор.

Партијата можеби ќе разговара за економската и надворешната политика на заседанието. Но честопати во оваа фаза од петгодишниот циклус на лидерски состаноци, Централниот комитет се фокусира на партиските организациски и правни прашања. Некои во Пекинг шпекулираат дека Си, исто така, може да го искористи заседанието за да ги унапреди штитениците додека ги поставува темелите за трет мандат на партиски лидер во 2022 година. Иако Си не даде сигнали за можен наследник во блиска иднина, сепак, тоа го тврдат тројца политички инсајдери од Пекинг.

Кристофер К. Џонсон, поранешен аналитичар за Кина во ЦИА, изјави дека „Си црпи голем дел од својата моќ од внимателното градење на незапирлива челичност. Наметнувањето на таков вид на неизвесност нема политичка смисла, особено затоа што наскоро ќе започне кампањата за негов трет мандат“.

Официјалните соопштенија на крајот од заседанието в четврток најверојатно ќе ја акцентираат официјалната цел на „модернизирање на владејачкиот систем“. Според експертите, следните чекори би биле развивање на моќите на новите партиски политички комисии кои Си ги формираше за спроведување на политиките; усовршувањето на радикалната реорганизација на владата која почна лани, но и натаму е незавршена и предизвикува пропусти и лоша координација; ширење на присуството на партиските комитети во деловниот свет, организациите и во заедниците за спроведување на политиките и можно регистрирање на незадоволство; употреба на високо-технолошко следење за регистрирање и отстранување на изворите на јавен гнев, како злоупотреба на службена должност, загадување и имотни спорови пред да предизвикаат протести.

Кина веќе е предводник во собирањето на лични податоци, надзорна технологија и следење на Интернет со цел спречување на општествени закани, особено во Шинџанг, етнички поделениот регион во западна Кина.

Превод: Билјана Здравковска