Од понеделник ќе почне организирањето на хуманитарни летови за граѓани кои се заглавени на аеродроми или граници во други земји. Министерот за надворешни работи, рече дека бројката на затечени граѓани варира, а досега е околу 2.300 лица низ целиот свет. Најпрво ќе се организираат летови од земјите каде има поголема концентрација на граѓани на кои им треба помош.

– Пред неколку дена МНР упати апел до нашите граѓани кои се затечени меѓу граници, на аеродроми кои се затвораат или се откажуваат летови, на кои им треба поддршка и помош од државата за да си дојдат дома. Направивме еден пресек, бројката варира, дел од луѓето успеваат, но се зголемува и евиденцијата, зборуваме за бројка околу 2.300 македонски граѓани низ целиот свет. Основната концентрација е на нашиот континент, во европските држави – кажа Димитров.

Сите кои сакаат да се вратат во својата држава од одредена држава, мораат да се пријават на телефонските броеви или електронските пошти на дипломатско-конзуларните преставништва во земјите каде се наоѓаат.

„Ги повикувам сите граѓани кои се немаат пријавено на е-маил адресите и телефоните на дипломатско-конзуларните преставништва на државата во земјите каде се наоѓаат или во најблиското во соседната земја ако немаме во одредена земја, тоа да го направат до утре, недела до 18 часот, бидејќи мораме да имаме прецизна евиденција за да ги организираме овие летови“, додава Димитров.

Тој повтори дека ќе се формира и тело за да се зголеми капацитетот на задолжителниот државен карантин.

„На вчерашната владина седница разговаравме за ова прашање. Не задолжија нас и Министерството за транспорт и врски да организираме хуманитарни летови за да си ги донесеме граѓаните дома и да се формира тело кое ќе организира задолжителен државен карантин и ќе го зголеми капацитетот на задолжителниот државен карантин. Врз основа на прописите за јавното здравје и борба против заразни болести, Владата одлучи сите граѓани кои ќе дојдат во поголеми групи, со хуманитарните летови, да бидат во задолжителен државен карантин, во траење од минимум 15 дена“, додаде министерот Димитров.

Министерот посочи дека се решава проблемот за престој во земјите дел од шенген-зоната.

„Во шенген-зоната рокот за престој во земјите дел од овој простор е 90 дена, упативме барање до сите земји, со оглед на објективната неможност на луѓето да го испочитуваат овој рок, да немаат проблем при пречекорувањето. Мислам дека ова ќе го решиме, дел од земјите веќе носат правни прописи“, соопшти Димитров.