И Македонија и Грција сакаат достоинствено решение за спорот со името, кое ќе биде плод на компромис и на почитување на интересите на двете страни.

Ова го потенцираат официјалните претставници на двете земји непосредно пред новата рунда преговори за името, која треба да се одржи утре во Виена. Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас непосредно пред средбата со посредникот на ОН Метју Нимиц повторија дека сакаат да се најде компромис и конечно да се реши спорот.

Сложено име со географска одредница, за севкупна употреба и промена на македонскиот Устав е позицијата на Грција. Македонската страна останува на ставот дека слеано име не е најдостоинственото решение, особено не непреведено и секако прашањето да се реши преку меѓународен договор, а не со промена на највисокиот правен акт на државата.

– Името треба да биде сложено со географска одредница, со придавка и да разграничува дека не станува збор за грчката Македонија и да не содржи иредентистички елементи е ставот на официјална Атина, кој го изнесе шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров нагласи дека географската одредница е прифатлива, но за дистинкција од територијата во Грција, а не за обезличување на македонскиот јазик, народот и државата.

Димитров повтори дека за македонската страна неприфатливо е слеано пишување на одредницата со името Македонија, а исто така предочи дека е неприфатливо и име без превод.

Потенцира дека Македонците мора да бидат Македонци, кои го зборуваат македонскиот јазик. – Тој страв мора да биде покриен соодветно за воопшто ние да можеме да се отвориме за географска одредница. И тоа што јавно го соопштивме за географска одредница е врзано, односно не е безусловено. Исто така таа географска одредница не може да биде недостоинствена. Практично ова го нема во слеаното име, рече Димитров.

– Треба да најдеме сложено име што ќе ја изразува посебноста и географската позиција на оваа држава, а во исто време нема да навредува ниту една од двете страни – изјави Коѕијас.

Повтори дека е за сложено име кое треба да важи за сите, за сите односи, односно и за внатрешноста. Да важи и да биде изразено со меѓународниот договор што ќе се потпишеме во ОН и со промените што треба да се направат во Устав.

Говорејќи за промената на Уставот, рече дека е неопходна не само бидејќи тоа е грчко барање и гаранција за Атина, туку и за внатрешни гаранции и за некоја идна влада, затоа што „следниот Груевски 2“ ќе излезе со обвинувања.

Димитров истакна дека од Виена нема очекувања, туку надеж. – Се надевам дека ќе направиме напор да се придвижиме, да направиме исчекор, вели тој.

Тој најави дека Владата по виенската средба, ќе го свика државниот врв и лидерите на најголемите партии на лидерска средба.

Поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос и лидерот на партијата Река Ставрос Теодоракис вчера исто така излегоа со став за името.

Венизелос, прв пат рече дека името би требало да биде „по можност непреведено“, сложено за севкупна употреба, односно и во внатрешноста и во меѓународните и билатералните односи, дури и со оние земји кои веќе ја имаат признато Македонија под уставното име.

Како професор по уставно право, Венизелос, детално и опширно ги анализираше правните и политички димензии на решението, односно како да се обезбедат правни и политички гаранции во евентуалниот договор меѓу двете земји. Тој смета дека еден меѓународен договор, гарантиран од Советот за безбедност на ОН има поголема тежина, но вели дека сепак, потребни се и уставни промени во Македонија.

Лидерот на партијата Река, Теодоракис, рече дека е потребно да се изнајде решение, да не се повторат грешките од минатото и да се изгуби шансата што постои за затворање на проблемот.

Упати критики до грчката Влада, велејќи дека наместо единствена позиција, има две и пол линии. Едната на премиерот, другата на министерот за одбрана и „една различна нијанса на министерот за надворешни работи во одбрана на линијата на премиерот“.

Портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос нагласи дека топката „сега е на теренот на соседите и оти треба да направат уште неколку чекори за да стигнеме до договор“.

– Сметам дека е факт оти има политичка волја и од двете страни, но сепак постојат прашања што не се едноставни, не се од технички карактер, а главното е прашањето за уставна ревизија за да се покрие предусловот на ерга омнес – вели портпаролот на грчката Влада.