Демонстрантите се обидоа да влезат насила во Легислативниот совет на Хонгконг на годишнината од враќањето на градот под кинеска власт, користејќи метални шипки за да ги скршат прозорците, во знак на протест поради планираните законски промени што ќе овозможат екстрадиција на Кина, пренесува „Ројтерс“.

Незадоволните граѓани се судрија со полицијата која претходно ги предупреди да запрат со налетот. Полициските сили употребија и солзавец за да ги сопрат демонстрантите. Делови од Хонгконг се блокирани поради протестите.

– Во последните неколку години, луѓето се обидуваа да бидат поактивни, но видоа дека мирниот начин не помага – веле 24-годишен учесник во демонстрациите.

Хонгконг се наоѓа во најголемата политичка криза по враќањето под кинеска власт пред 22 години, соочувајќи се со протестите во рамките на кои околу два милиони незадоволни граѓани во изминатите три недели демонстрираат на улиците, барајќи оставка од лидерката Кери Лам.