Земјите-членки на ЕУ утре ќе ја одложат одлуката за отворање преговори со Македонија и со Албанија, најверојатно за септември, откако безмалку сите земји се подготвени да дадат зелено светло за Македонија, додека Албанија уште наидува на отпор од одредени членки, пренесува „Еурактив“ повикувајќи се на дипломатски извори.

Одлуката ќе биде одложена бидејќи Германија, наводно, не е подготвена да заземе став, додека не го спроведе интерниот процес во парламентот. Според сознанијата на „Еуроактив“ Македонија доби пофалби, особено поради Преспанскиот договор, а Албанија има потешкотии да обезбеди поддршка меѓу 28-те земји-членки. 

Меѓу државите што се изјаснија позитивно за проширувањето на ЕУ (се наведува дека нивниот број достигнува 15), единствено Италија се залага за спроведување на заеднички процес за Македонија и за Албанија. Но нивното раздвојување е поверојатна опција, бидејќи најголемите скептици за проширувањето, наводно, се подготвени да дадат благослов за Македонија. Тука спаѓаат Германија и Холандија. Франција уште го разгледува нејзиниот став, чекајќи да види како ќе се изјасни Холандија, според дипломатски извори.

Познавачите на состојбата сметаат дека одложувањето на преговорите го загрозува кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан, како и дека би можел да предизвика нестабилност во регионот. 

Европската комисија минатиот месец даде препорака за почнување на преговорите, бидејќи Македонија ги исполни сите барани услови. По отпочнување на преговорите за членство, процесот за пристапување кон ЕУ би можел да трае неколку години, а членството не е загарантирано.