Се очекува претседателот Емануел Макрон да објави нови економски мерки како одговор на насилните протести во Франција, во текот на неговото обраќање на нацијата кое е најавено за вечерва (20 часот). Но, нема информации за точната содржина на соопштението, односно дали тоа ќе биде доволно за да ги смири незадоволните граѓани, пренесува американската телевизија Си-ен-би-си.

Претставникот на „жолтите елеци“, Тјери Пол Валет, им кажа на медиумите оти објавата на Макрон ќе стигне предоцна. 

– Макрон мора да даде одговори. За жал, тие ќе стигнат предоцна. Некои од „жолтите елеци“ веројатно ќе бидат задоволни кога тој ќе ги претстави мерките, но многумина ја посакуваат неговата оставка. Веќе е предоцна, луѓето ќе останат на улиците – категоричен е Валет. 

Француската влада веќе соопшти оти ќе го одложи планираното зголемување на даноците на гориво, за шест месеци, за потоа да отиде чекор понапред, односно потполно да ја исфрли одлуката од буџетот за 2019 година. 

– Се поставува прашање што ќе понуди Макрон за да го смири незадоволството. Во следните неколку години можеби можеме да очекуваме Макрон кој ќе биде насочен кон животниот стандард – истакна Константин Фрејзер, експертот за европска политика. 

Францускиот министер за финансии Бруно ле Мер предупреди дека протестите на „жолтите елеци“ и нанесуваат економска катастрофа на државата. 

Најавено е дека Макрон ќе се сретне со претставници на синдикатите, како и на работничките организации, во пресрет на вечерашното обраќање.