Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека „ветер го зафати светот“, посочувајќи на ескалацијата на конфликтите од Либија и Јемен, до Сирија и други жаришта.

– Сите ситуации се различни, но има чувство на зголемена нестабилност и засилени тензии, што чини сè да изгледа понепредвидливо и неконтролирано, со зголемен ризик да се направат погрешни проценки – рече Гутереш на прес-конференција.

Тој изрази разочарување што правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност почнаа да се кршат „пред да се исуши мастилото“.

Гутереш ја издвои Либија и ги нарече сегашните офанзиви во земјата како „скандал“ затоа што тие беа покренати веднаш откако светските мировници и другите земји во Берлин на 19 јануари повикаа на почитување на ембаргото на ООН за увоз на оружје и за прекин на мешањето од странство.

Тој исто така изрази огромна загриженост за ескалацијата на нападите во сириската провинција Идлиб, последната што ја контролираат бунтовниците и истакна дека ООН особено се загрижени за фактот дека сириската и турската армија сега се бомбардираат едни со други.

– Мора да запре пред ескалацијата на конфликтот да создаде состојба којашто ќе биде целосно надвор од контрола – рече Гутереш.

Тој рече дека наредната година ќе стори сé за да стави крај на суровиот круг страдања и конфликти и да ја охрабри мировната дипломатија.