Прашањето за Преспанскиот договор безмалку и да не се спомнува во предизборната кампања во Грција, откако до пред пет месеци претставуваше повод за масовни протести низ  државата. Но, спогодбата и натаму има пресудно значење за гласачите, особено во северна Грција, се наведува во репортажата на „Франс прес“.

– По кризата, сиромаштијата и невработеноста, тоа беше капката што ја прели чашата. Луѓето се многу гневни, не можам да разберам како некој гласа за СИРИЗА – истакна жител на Пела.

Грците се чувствуваат предадени.

– Владата не предаде. Тие ја продаваат нашата татковина – вели 39-годишен угостител што бил приморан да го затвори неговото кафуле поради економската криза.

На изборите за Европскиот парламент во мај, партијата на Ципрас претрпе пораз за 9,5 поени од страна на конзервативната Нова демократија, која остро се противеше на спогодбата. Во таа кампања, СИРИЗА загуби гласови низ грчката провинција Македонија, каде што во одредени места заостана и за 20 поени зад опонентите.

СИРИЗА претрпе сличен дебакл и на локалните избори, а премиерот Алексис Ципрас и самиот призна дека Преспанскиот договор „нанел штета“. Според предвидувањата во грчките медиуми владејачката СИРИЗА се соочува со неминовен пораз на претстојните избори.

Улогите меѓу двете партии се сменети откако на претходните избори во 2015 година, Нова демократија мораше да се брани од обвинувањата дека ја „предаде“ Грција соработувајќи со кредиторите. Сега СИРИЗА е во таква незгодна ситуација.

Неочекувана корист од ваквата политичка состојба има новата националистичката партија Грчко решение која доби 4,18 отсто од гласовите, обезбедувајќи место во Европскиот парламент.

Останува да се види како прашањето за Преспанскиот договор ќе влијае врз исходот на грчките предвремени парламентарни избори, закажани за 7 јули.