Мапа од Балканот објавена во магазинот „EPFMA Bulletin“ кој е финансиран од Европската Унија ги вознемири духовите во Европа, а најгласно реагираа читателите од Грција и од Кипар.

Спорниот момент кој ја предизвика низата реакции е мапа како дел од статија во која нашата земја е претставена како Македонија, а меѓу првите реагира грчкиот „Грик сити тајмс“. Објавените текстовите во „EPFMA Bulletin“ се статии и мислења напишани од поранешни пратеници во Европскиот парламент, a билтенот се финансира со поддршка од европските институции.

Името на Македонија, секако, е трн во очите на Грција. Статијата е објавена во последниот број на билтенот, а е напишана од поранешниот британски европратеник Џон Хауарт. На мапата е претставен графички приказ на земјите од Западен Балкан, а фотографијата е купена од позната платформа за дистрибуција на фотографии и мапи.

Дел од грчките европратеници ја критикуваа статијата поради употребеното име за нашата земја, а им се приклучи и колешка од Кипар.

– Честитки за оние кои го потпишаа и поддржаа поразителниот Преспански договор! Ова се резултатите, објавени во официјален весник поддржан од Европскиот парламент! – објави на Твитер поранешната европратеничка од Кипар, Елени Теохарос.