Обилните дождови, кои паднаа со повеќе од 100 литри на метар квадратен, предизвикаа нови поплави во германската провинција Саксонија, на истокот од земјата.

Поплавите ја погодија популарната туристичка област позната како Саксонска Швајцарија, ридско подрачје долж долината Елба кај Дрезден. Окружната администрација во текот на вечерта објави дека повеќе градови не се пристапни и дека особено се погодени Нојштат, Себиниц, Бад Шандау и Гориш. Властите ги повикаа жителите да ги напуштат подрумите, гаражите и метрото. Покрај тоа, тие се предупредени дека поплавените патишта и патеки може да претставуваат голема опасност.

– Може да се очекуваат силни поплави – објавија надлежните.

Според провинцискиот центар за поплави, нивото на водата на мерната станица на реката Поленц е надминато.

Истовремено властите јавуваат дека расте и бројот на жртви во поплавите во Германија и досега има над 150 загинати лица. Стотици сè уште се водат како исчезнати.

Официјални лица стравуваат дека бројот на жртвите ќе продолжи да расте.

Илјадници војници се насочени кон спасување и санирање на последиците од поплавата.

Спасувачите евакуираа околу 700 лица откако вчера напукна браната на реката Рур во областа Хајнсберг, во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, на западот на Германија.

Најсилно погодените региони во Германија се оние на границата со земјите од Бенелукс, но поплавите беа и во источниот дел на земјата, кон границата со Австрија, но и во Австрија.

По обилните дождови, поројните поплави го зафатија и градот Халејн во Австрија.

– Ситуацијата е многу напната, делумно драматична – рече портпаролот на полицијата.

Сепак, засега нема индиции за жртви. Населението веќе е предупредено за опасноста.

Ситуацијата е напната и во другите делови на австриските Алпи, а пожарникарите испумпуваат вода од бројни подруми.