Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека најверојатно ќе разговара за венецуелската криза со претседателите на Русија и на Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг.

– Најверојатно ќе разговараме во одреден момент. Ќе разговарам со многу луѓе, можеби со претседателот Путин, можеби со кинескиот претседател Си – рече Трамп.

Американскиот претседател се огласи откако Белата куќа ги предупреди Русија и другите земји што го поддржуваат претседателот Николас Мадуро, да не испраќаат војници и воена опрема во Венецуела.

Кремљ вчера го одби барањето на Трамп, Русија да се повлече од Венецуела, објаснувајќи дека руските акции се легални и во согласност со договорот што Москва го има со легитимната влада на таа земја. Трамп претходно ја повика Русија да се повлече од Венецуела и истакна дека, за остварување на таа цел, „сите опции се отворени”. 


Руски центар за обука на воени пилоти отворен во Венецуела

Во Венецуела свечено беше отворена воена школа за пилоти на хеликоптери, соопшти „Рособоронекспорт“, руска компанија за продажба на оружје.

– Капацитетите на наставниот центар ќе им овозможат на венецуелски пилоти да минат низ комплетна обука за работа и за користење на хеликоптери Ми-17В-5, Ми-35М и Ми25Т во услови блиски на вистински, изјави Вјачеслав Давиденко, портпарол на таа руска компанија.

Свеченоста е одржана во присуство на руски и венецуелски експерти, но Давиденко не прецизира каде е тренинг кампот.

Наставниот центар е основан врз договор меѓу венецуелска анонимна компанија за воена индустрија (ЦАВИМ) и Рособоронекспорт што е дел од рускиот воено-индустриски комплекс Ростех.