Макрон започна „голема дебата“ за да открие зошто средната класа е крајно незадоволна од состојбата во државата

Даниел де Петрис

Протестите на „жолтите елеци“ загубија голем дел од нивниот интензитет, се наведува во колумната објавена во магазинот „Спектатор“

Уште лани во декември, мандатот на Емануел Макрон висеше на конец. Неговиот рејтинг беше драстично опаднат. Стотици илјадници Французи кои се чувствуваа изолирани од нивната влада, излегоа на улиците за да ја соборат француската елита во големите и малите градови во државата, а огнови гореа во цел Париз. Полицајците и демонстрантите кои протестите ги претворија во немири, се најдоа во првите борбени линии во судирите со камења и гумени куршуми што резултираше со стотици (ако не и илјадници) апсења.

Макрон, синоокиот, технократски политичар со свежина на лицето, кој за време на претседателската кампања во 2017 година се наметна како надежен спасител на Петтата француска република, сега седеше во претседателската вила и не знаеше како да се справи со немирите околу него.

Потоа се роди идеја што му даде малку простор на Макрон „да дише“, а тоа е да започне „голема дебата“ низ земјата за да се открие зошто толку многу обични француски граѓани од средната класа се крајно незадоволни од состојбата во државата. Ова беше неоригинален, но брилијантен концепт. Со тоа што Макрон излезе од комфорната зона, ја потсети државата зошто толку многу Французи гласаа за него наместо за националистичко-популистичката кандидатка Марин Ле Пен. Откако оствари контакт со обичниот народ и разговараше со градоначалниците од опозициските партии, тој реши да ги засука ракавите за да се смири гневот на народот.

Откако во текот на два месеци во цела Франција беа остварени 10.000 средби, беа добиени 1,4 милиони забелешки и 16.000 поплаки од народот, конечно во петокот заврши првиот чекор од „големата дебата“. Стотина случајно избрани француски граѓани сега ќе ги прегледуваат одговорите и ќе ги испраќаат нивните извештаи до владата. Макрон потоа ќе треба да одговори на неколку прашања, а тоа се колку од поплаките ќе прераснат во сериозни реформи, кои ќе бидат препуштени на локалните власти и кои не треба да се приоритет.

Во текот на изминатите два месеци, Макрон добро се справуваше со кризата. Лани во ноември и декември се најде крајно затечен, изненаден и несигурен во себе. Но за среќа го спасија низата состаноци во градскиот совет. Тој успеа да врати дел од неговиот кредибилитет, покажа лидерски квалитети и свежа енергија што му помогна да си ја поврати репутацијата од пред речиси две години. Ова го признаа и политичките противници на Макрон, кои сакаа тој да стане новиот Франсоа Оланд кој си замина од функцијата со катастрофално лош рејтинг. Со тоа што му овозможи на францускиот народ силно да ја критикува владата преку контролиран процес и потоа да се забележат сите предлози како да се подобри состојбата во државата, тој успеа да го намали влијанието на „жолтите елеци“.

Сепак, Макрон само го избегна првиот бран. Ако тој сака да ја преживее најголемата политичка криза во првиот дел од мандатот, тој мора да преземе мерки за поплаките и притоа истите да не ги игнорира. Тоа значи дека неговата влада треба да поработи на пензиските и даночните реформи, да го сруши ѕидот меѓу француската политичка елита и народот, и можеби да даде поголеми административни ингеренции на локалната власт (барем ова ќе помогне во поделба на вината кога ќе настане грешка). Поинаку кажано, владата треба да почне да си ја врши работата, а пратениците да носат закони. Иако секогаш ќе се случуваат протести на маргините на француското општество, воведувањето на политики на здрав разум ќе биде единствениот начин за Макрон да го врати својот рејтинг на завидно ниво.

Засега, „жолтите елеци“ загубија добар дел од нивниот интензитет. Но ако не се случат промени и ако „големата дебата“ прерасне во паметна владино поддржана измама за да се задуши гневот без да се решат актуелните проблеми, Макрон може многу лесно да се најде во иста позиција како за време на божиќните празници, кога понизно ѝ се обрати на француската јавност и бараше прошка.

Подготвила: Билјана Здравковска