Македонската ракометна репрезентација рутински го совлада Бахреин со 28:23 во вториот меч од настапите во групи на Светското првенство што се игра во Германија и Данска.

– Ние одигравме максимално добро во одбраната, но во нападот имавме многу грешки и многу избрзани шутеви. Тоа може да нè чини скапо во преостанатите три натпревари, рече Филип Талески.

Според Филип Лазаров, најважниот меч се игра утре против Хрватска. Тој рече дека Хрватска е фаворит, но дека на теренот ништо не се знае.
Лазаров уште додаде дека секој натпревар се игра на победа, без калкулации.

– Позадоволен сум од мечот со Јапонија. Бахреин беше понезгоден, осцилираме, имаме добри и лоши моменти. Требаше мечот да го решиме порано. Имавме голем пад, Бахреин направи 5:0 и тоа треба да нè загрижува против посилните репрезентации – рече Кирил Лазаров.

Тој додаде дека утре е голем испит за нас.

– Ја препуштаме фаворитската улога на Хрватска, но на терен ништо не се знае – истакна Кирил Лазаров, кој беше прогласен за играч на денешниот натпревар.

Инаку македонските ракометари добро го започнаа мечот, поведоа со четири гола разлика, но подоцна дојде до пад во играта, Катар направи 5:0, а нашите ракометари не успеаја да постигнат гол речиси 12 минути. Сепак, македонските ракометари го подигнаа темпото и заминаа на одмор со предност од четири гола, односно 12:8.

Во второто полувреме нашите ракометари не дозволија изненадување, направија разлика од осум голови, по што селекторот Раул Гонзалес им даде можност за настап и на младите репрезентативци, кои го завршија натпреварот со конечни 28:23.

Утре Македонија игра против Хрватска.