Почнува втората недела од изборната кампања за претседателските избори во тек на која тројцата кандидати за претседателската функција продолжуваат да ги претставуваат своите програми, концепти и визии на средби, трибини и митинзи.

Претседателскиот кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Kоалицијата, Гордана Силјановска Давкова, ќе одржи митинзи во Македонски Брод и во Кичево.

Стево Пендаровски, кандидат од СДСМ и коалицијата, ќе има средби со жители на село Мирковци во општина Чучер Сандево, по што ќе учествува на граѓански трибини во општините Бутел, Шуто Оризари и во Ѓорче Петров.
Блерим Река, претседателски кандидат поддржан од Алијансата на Албанците и БЕСА, пак, ќе има средба со граѓани во Теарце.

Силјановска Давкова ќе се претстави на централен митинг во Скопје претстојниот викенд на 13 април, а ден потоа, на 14 април, централен митинг ќе има и Пендаровски. Река ќе има завршна конвенција на 18. месецов.

Кампањата официјално почна на 1 април, а ќе трае до 19 април по што следува 24-часовен изборен молк пред денот на гласањето.

На терен продолжува и изборната кампања и на кандидатите за градоначалници во Охрид, Ново Село и во Дебар, за кои изборот се одржува заедно со претседателските избори за кои првиот изборен круг е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај. С.Н.М.