Ширењето на коронавирусот надвор од Кина и натаму е светска тема број еден. Според најновите информации во Калифорнија е прогласена вонредна состојба.

Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, прогласи вонредна состојба поради вирусот во оваа држава, која сега има 53 потврдени случаи. Тој ја даде наредбата за вонредна состојба вчера, кога властите ја објавија правата жртва во Калифорнија од овој вирус.

Во прашање е лице со здравствени проблеми, што е прв смртен случај од коронавирусот во САД надвор од Вашингтон, каде починаа десет луѓе. Нови заболени се регистрирани и во двата најголеми американски градови, Њујорк и Лос Анџелес.

Во Словенија е регистриран прв случај на заболен од коронавирусот, соопшти словенечкото Министерство за здравство. Како што се наведува, лицето допатувало од Мароко преку Италија и е сместено во болница. Досега во Словенија на коронавирус се тестирани 352 лица, а ниту едно не било позитивно на вирусот.

Првите два случаи на зараза се потврдени и во Унгарија, а премиерот Виктор Орбан рече дека станува збор за двајца ирански студенти кои студираат во Унгарија.