Политичките партии во Израел сè уште се борат да формираат влада откако не успеаја со септемвриските избори да го решат ќор-сокакот

Фајненшел тајмс

Во целиот свет радикализацијата го отежнува градењето коалиции и консензус

Автор: Гидеон Рахман

Шпанија на 10 ноември по четврти пат ќе одржи избори во последниве нецели четири години. Но мали се шансите дека која било партија ќе освои доволно пратенички места за да ја реши политичката криза во државата. Со нешто слично се соочува Израел каде што политичките партии сè уште се борат да формираат влада откако не успеаја со септемвриските избори да го решат ќор-сокакот што се јави по априлските избори. Така, во Израел, во една календарска година дури три пати се одржаа парламентарни избори. Добредојдовте во ерата на демократските кризи. Државите одржуваат избори, но со тоа ништо не постигнуваат. Потоа повторно одржуваат нови, но го добиваат истиот неубедлив резултат.

Ваквата нова појава во демократскиот свет треба да ги загрижи британските политичари. Премиерот Борис Џонсон свика избори на 12 декември, тврдејќи дека тоа е единствениот начин да се стави крај на повеќегодишната тенденција за излез од ЕУ. Но постои силна шанса дека ниедна партија нема да освои апсолутно мнозинство и нема да може да формира стабилна влада.

Шпанскиот и израелскиот пример е екстремен, но не и единствен. Поделбите во германскиот двопартиски систем покажуваат дека беа потребни пет болни месеци за да се формира владина коалиција по последните парламентарни избори од 2017 година.

Точно е дека шпанскиот, израелскиот и германскиот систем користат пропорционална застапеност што им помага на малите партии. Но системите на релативно мнозинство не се имуни на демократските кризи. Американските претседателски избори треба да дадат еден победник. Но од друга страна, претседателот честопати е оспорен од Конгресот, ситуација која во изминативе неколку децении доведе до последователно кочење на американската влада.

Состојбата во секоја држава има своја посебност и сложеност. Но постојат два општи трендови што можат да ги доведат до демократиите во криза, а двата се актуелни во Британија. Првата е поделбата на двопартискиот систем. Втората е поларизацијата на политиката со појава на ултрадесница и ултралевица, како и зголеменото истакнување на идентитетските прашања поради кои потешко се постигнува компромис.

Во Шпанија, центристичко-десничарската Народна партија и центристичко-левичарските социјалисти со години доминираат во политиката, откако во 1975 година беше вратена демократијата. Но финансиската криза од 2008 година помогна да се распадне двопартискиот систем, а борбата за каталонска независност само ги зголеми поделбите. Шпанија сега има ултралевичарска партија (Подемос) и ултрадесничарска партија (Вокс), како и силни регионални партии.

Во Германија, центристичко-десничарските и центристичко-левичарските партии освоија 53 отсто од гласовите на последните избори, што е намалување од претходно освоените 65 отсто од гласовите, што пак, самото по себе претставува намалување уште од историските повоени норми. Слична слика има во Израел. Во периодот по прогласувањето на независност, во израелската политика доминираа Работничката партија и Ликуд кои обично лесно формираа влади. Но на последните избори водечките десничарски и левичарски партии, Ликуд и коалицијата на Сини и бели освоија околу една четвртина од гласовите. Тие треба да се борат против мноштво мали партии, а секоја од нив поставува барања за кои не сакаат компромис.

Не е важен само бројот на партиите, туку и нивната природа. Процесот на градење коалиции и формирањето на консензус е многу отежнат со политичката радикализација. Подемот на антисистемските партии кои се закана за демократијата или опстанокот на нацијата само го скратуваат бројот на можни владини партнери за големите партии.

Во Израел, третата најголема партија е Здружени израелско-арапски партии со кои дури ни центристичките левичари не сакаат да формираат коалициска влада, поради стравот дека ќе мора да направат компромис за нивните ционистички идеали. Слична приказна има во Шпанија каде што ниту социјалистите ниту Народната партија не сакаат да формираат коалиција со каталонските сепаратисти.

Во Германија која има долга традиција на градење коалиции, состојбата не е толку сериозна. Но формирањето на национална влада значително беше усложнето поради фактот што ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија и ултралевичарската партија заедно имаат освоено 160 од вкупно 709 места во парламентот, и се смета дека ги преминуваат сите граници.

Опасноста за Британија е што некои од условите кои предизвикуваат демократски кризи во други земји сега се јавуваат во Обединето Кралство. Точно е дека на последните парламентарни избори во 2017 година повторно заживеа уделот на двете големи партии, ториевците и лабуристите. Но ваквиот тренд сега веројатно ќе се промени со тоа што либералните демократи и шкотските националисти земаат замав, а брегзитерските партии исто така постепено им го намалуваат гласачкото тело на конзервативците.

Во политиката исто така повеќе не доминираат економските прашања. Наместо тоа актуелни се идентитетски прашања како брегзит или шкотската независност, кои бележат голем подем во Британија, а ефектите се забележуваат насекаде. Анкетите покажуваат дека на Британците им е доста од кризи и двоумење во Вестминстер. Ако Џонсон победи на изборите и добие чисто мнозинство, тогаш ќе му помине договорот за брегзит во Парламентот и ќе може да го спроведе. Но ако на британските избори партиите не освојат чисто мнозинство, Британија ќе почне да личи на кризните демократии во Шпанија и во Израел. Наместо цврсто да тргне во нова насока која Џонсон ја вети кога стана премиер, британската политика најверојатно ќе продолжи да се врти во круг со брегзит.

Превод: Билјана Здравковска