Германската полиција уапси тројца мажи, а четвртиот е во Парагвај, за наводно водење на една од најголемите мрежи во светот за размена на слики од сексуално злоставување на деца.

Цел на меѓународната операција била веб-платформата наречена „Бојстаун“, која сега е отстранета, а имала повеќе од 400.000 регистрирани корисници, пренесува Би-Би-Си.

Официјални лица велат дека некои слики објавени на платформата содржат најтешки форми на сексуална злоупотреба на мали деца.

Во истрагата биле вклучени Холандија, Шведска, Австралија, САД и Канада, предводени од Германија.

Полициската агенција на ЕУ, Европол, соопшти дека ќе ги испита и разузнавачките информации што ги добиле за време на операцијата, врз основа на кои се очекуваат повеќе апсења и спасувања на деца ширум светот.

Неколку поврзани страници за разговор со педофили на темната мрежа се, исто така, отстранети.