Најмалку шест лица загинаа во вооружен напад врз христијанска црква во Буркина Фасо, објавија официјални лица. Напаѓачите на седум мотори дошле до протестантската црква на крајот на вчерашната служба и го убиле свештеникот, неговите два сина и тројца верници.

Нападот се случил во мало село наречено Силгаџи во провинцијата Соум. Ова е прв напад на црквата од почетокот на насилството на екстремистите во Буркина Фасо во 2016 година.

Постојат неколку екстремистички групи во земјата, вклучувајќи ги Ал Каеда и Исламската држава. Засега не е познато колкумина напаѓачи учествувале во вчерашниот инцидент и на која група и припаѓаат, јавува Би-би-си.

Пред три дена, вооружени лица во градот Мајтагоу во провинцијата Кулпелого извршиле напад врз училиште и убиле шест цивили, од кои петмина биле наставници.

Буркина Фасо е често мета на терористи од 2015 година.Според последните официјални податоци, повеќе од 300 луѓе загинале во терористички напади во земјата. Во седум од 13-те региони во оваа земја, од 1 јануари е прогласена вонредна состојба.