Додека со невидена брзина се работи на владината реконструкција во Западното крило, „преживеаните“ ја усовршија уметноста на фалење на шефот

Атлантик

Сите промени на американската администрација во Белата куќа покреваат прашања: што треба да се направи за да се задржи наклонетоста и работата кај претседателот Доналд Трамп? Ако реалното шоу се викаше „Преживеан: Белата куќа“ (замислата е соодветна затоа што претседателот е поранешниот водител на „Чиракот“), какви вештини натпреварувачите требаше да поседуваат за да останат во игра?

Ниеден претседател во поново време не ги менуваше високите советници и членови на кабинетот толку брзо како Трамп, а реконструкцијата на владата тече со забрзано темпо затоа што воопшто не е задоволен како неговата администрација се бори за да ја спречи миграција на јужната граница.

Минатата недела, Трамп започна чистка во највисоките ешалони во министерството за внатрешна безбедност. Прво на Твитер го објави отказот на секретарката Кирстен Нилсен, потоа и на директорот на тајната служба Рандолф „Текс“ Алес. Ќе следат нови отпуштања ако Трамп го загуби трпението со функционерите кои не можат да ја создадат непробојната граница што тој ја бара.

Нилсен е 15-тото заминување од кабинетот откако Трамп е на функција, за нешто повеќе од две години, според Катрин Дан Тенпас од институтот Брукингс. За споредба, по три години на функцијата, Барак Обама отпушти седум членови на кабинетот, а Џорџ В. Буш само четири. Таа додаде дека не само што реконструкцијата е „во повисоките ешалони, туку и е во невидени размери“.

Не останаа многу советници од висок ранг од првиот состав на администрацијата на Трамп. Две третини од највисоките негови помошници заминаа или беа унапредени што е многу повеќе од сите претходни претседатели до Роналд Реган во 1980-тите, се наведува во истражувањето на Тенпас. Но има неколку преживеани. Среде целата врева, некои дури и напредуваа. Тајната е во тоа да се фали Трамп, да се усовршат вештините што тој особено ги цени и да се склучат сојузи во ривалското Западно крило.

Ако ништо од ова не успее, тогаш треба да се застане пред телевизиската камера и да се импресионира шефот.

Може да се разгледа примерот на Стивен Милер (33) кој беше дел и од претседателската кампања. Милер прилично напредуваше во кариерата. Неодамна Трамп му додели главна улога во неговата омилена занимација, а тоа е доселеничката политика. Трамп му порачал дека „што ѝ да му треба, веќе има овластувања на таа позиција и треба да ја заврши работата“, вели еден советник од Белата куќа.
Милер одамна сакаше да се наметнат построги мерки за контрола на доселување во САД. Во тој поглед, тој ги дели истите ставови како главните поддржувачи на Трамп што е делумна причина зошто претседателот го цени.

– Тој е политички советник кој е истомисленик како главното гласачко тело на Трамп. Како и претседателот, тој нема силна доверба во стандардната вашингтонска стратегија за трговија и доселување – вели еден поранешен претставник од Белата куќа.

Милер е невообичаен случај во кој Трамп често ги наградува помошниците кои добро се покажуваат на телевизија, а особено го обожува неговото. Во изминатите две години, Милер имаше епски настапи на малите екрани. Тој толку го бранеше Трамп што за малку ќе беше исфрлен од емисијата. Не смее да се заборави дека за сите помошници во Белата куќа, бранењето, застапувањето и величењето на Трамп е сигурна стратегија за опстанок.

Лани во едно појавување на Си-ен-ен (најнеомилениот медиум на Трамп), Милер го осуди „24 часовното негативно и хистерично известување против Трамп на оваа медиумска мрежа“. Додека Милер ги фалеше доблестите на Трамп, водителот Џејк Тапер забележа дека тој всушност само се обраќа пред еден гледач.

Непобитна предност е неговата вештина за пишување говори, како што велат поранешни и сегашни помошници од Белата куќа. Тој многу добро го познава гласот на Трамп, вештина без која Трамп вели дека „не може да живее“, како што смета еден поранешен помошник.

Милер, исто така, е итар играч кога станува збор за внатрешната политика на Белата куќа. Прво се сметаше дека му е верен помошник на поранешниот главен стратег Стив Бенон. Двајцата пропагираа економски национализам, со тоа што влегоа во судир со глобалистичката фракција предводена од поранешниот советник за економија Гери Кон и зетот на претседателот Џеред Кушнер. Но, Милер се погрижи да не ги изолира глобалистите, ниту да ја направи грешката на Бенон кога тој се спротивстави на семејството на Трамп.

Во неговата книга „Тимот на змиите-отровници“, поранешниот помошник во Белата куќа, Клиф Симс, напиша дека еднаш слушнал разговор меѓу Милер и претседателот. За време на прошетката надвор од Белата куќа, Милер му рекол на Трамп дека неговиот рејтинг би бил поголем доколку Бенон престане да протекува информации во јавноста. Според Симс, Милер силно и „со задоволство“ му зарил нож в грб на Бенон.

Бенон си замина по седум месеци.

– Има причина зошто Милер издржа повеќе од сите други во Западното крило – наведува Симс во книгата.

Можеби најпонизниот од целиот кабинет на претседателот е неговиот заменик, како што велат сегашните и поранешните претставници од Белата куќа.

Во јавноста, потпретседателот Мајк Пенс го споредува Трамп со истакнати историски фигури. Пенс во едно ланско обраќање пред израелската амбасада во Вашингтон порача дека „од ерата на кралот Давид до ден денешен, претседателот Трамп го врежал своето име во незаборавната историја на Ерусалим“.

Дури и зад затворени врати е толку занесен и многу внимава Трамп да не се сврти против него, како што велат упатените.

– Би сакал барем на еден ден мојата сопруга да ме гледа како што Мајк Пенс го гледа претседателот Трамп кога се заедно. Тоа би било многу убаво – изјави Кенет Аделман, член на администрацијата на Реган.

Според Уставот, Трамп не може да го отпушти Пенс. Сепак, може да се ослободи од потпретседателот ако го изостави од претседателската трка за 2020 година. Може и преку објава на Твитер да го маргинализира и понижи Пенс што не е прв пат да се случи. Но Пенс никогаш не се наоѓа во судир со Трамп. Можеби ова се должи на неговите врски, затоа што тој има вродена почит кон власта, како што велат луѓето кои работеле со него.

– Предајте се на власта што е над вас. Верувајте им на вашите претпоставени – им порача Пенс лани на дипломираните студенти на Академијата за крајбрежна стража.

Се чини дека неговиот претпоставен е задоволен. Руди Џулијани, адвокатот и човек од доверба на Трамп, изјави дека претседателот еднаш му рекол дека тоа што Пенс го вклучил во неговата претседателска кампања „веројатно била најдобрата одлука што ја донел, иако самиот донел неколку погрешни“.

Пенс речиси секогаш се согласува со Трамп на кабинетските состаноци, пракса што нервира дел од помошниците во Белата куќа, кои сакаат тој да заземе поцврст став. Кон веројатно беше еден од нив. На една тензична средба во Овалната соба, Кон му се спротивставил на Трамп. Пенс не го поддржал Кон пред претседателот, но по состанокот веднаш заминал во неговата канцеларија, му рекол дека бил во право и дека се гордее со него. Но ваквата изјава би имала поголемо значење доколку била во присуство на Трамп.

Во првата година од мандатот на претседателот, тој свикал состанок во Овалната соба за да им соопшти на помошниците дека ќе се повлекува од трговскиот договор НАФТА. Побарал процедурата веднаш да се подготви. Во Конгресот, Пенс постојано гласал за договори за слободна трговија. Во едно обраќање пред Претставничкиот дом во 2011 година, Пенс дури и се залагал за НАФТА и какви придобивки би имале земјоделците од Индијана, затоа што „како шести најголем производител на пченка, сојузната држава ќе имала директна корист“.

Помошниците се надеваа дека Пенс, со оглед на неговото искуство, ќе го каже својот стави и ќе го разубеди претседателот да не го раскинува договорот веднаш. Наместо тоа, на состанокот во Овалната соба му рекол на Трамп дека бил „силен лидер“ и дека повлекувањето од договорот „испраќа силна порака“, како што велат упатените. Трамп подоцна реши да преговара за нови одредби во договорот со Мексико и Канада.
Во минатото, некои потпретседатели поинаку гледале на својата улога. Така, пред Волтер Мондејл да застане на таа функција, му напишал меморандум на претседателот Џими Картер дека „сака да биде искрен советник“.

Тешко е да се замисли Пенс да напише таков меморандум, а уште потешко е да се замисли Трамп добро да го прифати. Со години претседателите и потпретседателите секогаш одеа на ручеци во четири очи, без никакво присуство на помошници. Ритуалот значеше градење на доверба, а дискусиите остануваа тајни. Трамп ја отфрли ваквата традиција, па така на нивните заеднички ручеците ги поканува и нивните највисоки советници. За време на ручеците се следат вестите на кабелските телевизии, а Трамп дури и бара од помошниците да коментираат.

Додека јасно се забележуваат корените на моќта на Пенс, поранешните претставници од Белата куќа се изненадени како Келијан Конвеј сè уште е таму. Помошниците одамна се сомневаат дека таа протекува информации во јавноста, но иако нејзиниот сопруг, Џорџ Конвеј, постојано го критикува Трамп на Твитер, таа сепак сè уште е на позиција.

Една од причините е телевизијата. Освен Трамп, Конвеј е вториот претставник за јавноста на Белата куќа.

– Во администрацијата на Трамп во Белата куќа секогаш се популарни оние кои сакаат да излезат на телевизија и да го бранат претседателот без разлика што се случува. Келијан се докажа дека е подготвена тоа да го стори секогаш и секаде. Не е важно дали ја сакате или ја мразите Келијан, таа знае како да води дискусија на телевизија – изјави Симс во едно интервју.

Постои друга причина зошто таа е во предност. Покрај големото искуство, таа нема директна одговорност за контроверзна политичка област која му е важна на Трамп, за разлика од Нилсен која работеше на прашањата за безбедноста и доселувањето. Освен тоа, цената би била превисока ако Конвеј биде отпуштена, затоа што е незгодна противничка. Еден поранешен владин претставник вели дека затоа „Трамп повеќе сака таа да биде дел од неговиот тим“.

Подготвила: Билјана Здравковска