Поддржувачите на Исламска држава (ИД) веќе се обединуваат околу новиот лидер на терористичката организација, користејќи ги социјалните медиуми за да изразат верност кон човекот чиј идентитет веројатно нема да биде познат во догледно време, објавува „Гласот на Америка“.

ИД вчера го соопшти изборот на Абу Ибрахим ал-Хашими ал-Кураши за нов лидер, во аудио-порака објавена на нејзината агенција за информирање, која ја прочита новиот гласноговорник.

– Тој е знаме над сите знамиња на џихадот, учител над учителите, емир над емирите на војната – се вели во пораката.

Објавата во која беше потврдена и смртта на претходниот водач Абу Бакр ал-Багдади и на неговиот портпарол Абу Хасан ал-Мухаџир, предизвика возбуденост меѓу поддржувачите на ИД на социјалните мрежи и на нивните канали за комуникација.

Познавачите на состојбите наведуваат дека објавата на ИД означува оти смртта на Багдади не претставува тежок удар за Калифатот. Новиот гласноговорник на ИД Абу Хамза ал-Кураши ги предупреди САД да не слават, по акцијата на американските специјални сили во која беа убиени петмина терористи, а во која настрада и Багдади, кој сам си го одзема животот.