Договорот од Преспа е клинички мртов, изјави вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, по завршувањето на состанокот на Извршниот комитет на партијата.

– Бевме сведоци на еден криминален процес и резултатот на референдумот не го признаваме. Во исто време упатуваме порака до власта да престане со бркање од работа на сите оние кои не сакале да излезат на референдумот. Ние секој детал го следиме, и ќе превземеме соодветни мерки – рече Николовски.

Тој додаде дека на вечерашниот состанок биле донесени три одлуки за три барања:

„Прво, да се формира анкетна комисија во Собранието од пратеници. Таа иницијатива е веќе поднесена, и комисијата ќе треба да ги истражи сите нерегуларности околу референдумот, и да ги санкционира оние кои правеа неправилности. Второ, барање за разрешување на Јавниот обвинител кој што очигледно замижува пред криминалот на референдумот, и избор на нов јавен обвинител на предлог на опозицијата. И, трето, доколку Заев има намера да распише избори, ќе го победиме. Бараме да го почитува договорот и согласно законот за избори, ќе се формира техничка влада 100 дена според пржинскиот модел. Заев, Спасовски и Царевска да си поднесат оставки, а министри за внатрешни работи и труд и социјална политика да бидат од ВМРО-ДПМНЕ 100 дена“, рече Николоски кој додаде дека ИК на партијата донел одлука да се формира републички и градски изборен штаб со кои ќе раководат Игор Јанушев, односно Владо Мисајловски.

Извршниот одбор на СДСМ вечерва одржа седница на која беше заклучено дека по изразената волја на референдумот, пратениците во Собранието треба да ги финализираат процесите поврзани со Договорот од Преспа.

Од партијата на власт констатирале дека ако нема друга опција, тогаш ќе бидат закажани предвремени парламентарни избори веднаш.

Извршниот одбор ги овласти претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори во насока на подготовка за предвремени парламентарни избори.