Владата ги раскина договорите со „Инвока груп“, фирма поврзана со набавката на софтверот на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Владата на денешната редовна 72-ра седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата од раскинување на Договорот за групна набавка од 28.2.2020 година и Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ од 11.8.2020 година склучен со „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје.

Генералниот секретаријат на Владата е задолжен да го раскине Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје, со задолжение согласно Законот за јавни набавки да се побара од Бирото за јавни набавки согласност за спроведување на постапка со преговарање без јавен оглас и да склучи договор со оператор со времетраење до завршување на редовната постапка за јавна набавка и склучување на нов договор за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции.

– Генералниот секретаријат на Владата беше задолжен по раскинување на Договорот да започне со редовна постапка за јавна набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции и да склучи нов Договор за групна набавка и да ги извести: Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Министерство за економија, Министерство за транспорт и врски, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за животна средина и просторно планирање, Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Царинска управа, Агенција за катастар на недвижности, Инспекциски совет и Академија за судии и јавни обвинители, дека договорот со „Инвока гроуп“, ДООЕЛ Скопје е раскинат и за постапката по заклучоците да ја информира Владата на Република Северна Македонија – стои во владиното соопштение.

Инаку, фирмата „Инвока груп“ е основана девет дена откако Драги Рашковски беше избран за генерален секретар. Фирмата во своето постоење добила три тендери и сите три од Генералниот секретаријат во вредност од над 320 илјади евра. Вниманието на јавноста го привлече софтверот за казни за сообраќајни прекршоци, а за кој МВР ниту било известено, ниту пак му бил потребен. Рашковски самиот го заштитил софтверот како свој патент.

За овој случај, Рашковски е во притвор во затворот во Шуто Оризари.