Оваа недела се очекува да биде клучна за можно поместување во преговорите за решавање на проблемот со името, со најавената средбата на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, кои на средба во Виена во петок, заедно со посредникот на ОН Метју Нимиц, ќе се обидат да ги најдат допирните точки на двете страни.

На средбата во Виена, на која што ќе присуствуваат и работните групи од двете министерства, ќе се процени досегашниот напредок во преговорите.

Димитров на петочната средба во Скопје со Коѕијас најави дека по Виена, ќе отпатува за Атина на уште една средба со својот грчки колега. Димитров, инаку, изрази „претпазлив оптимизам“ по средбите со Коѕијас во Скопје.

На досегашните средби е јасно дека грчката страна бара измени во македонскиот Устав, името да биде и за внатрешна и за надворешна употреба, но бара и договорот да е со непреведено име, додека „црвената линија“ за македонската страна е идентитетот.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека на 30 март ќе знаеме во кој правец се движиме во однос на прашањето за името.

– Фокусот е на 30 март кога очекувам суштина во самиот процес на преговорите, затоа што дури и кога стигнуваат текстовите тие се обично форма или рамка. Не може никој да стави нешто внатре додека нема некоја суштина во преговарачкиот процес. Очекувам дека ќе се направи следен чекор којшто ќе биде прифатлив за двете страни – рече Заев.

Во меѓувреме, високи извори од грчкото МНР за „Катимерини“ изјавиле дека патот до решение може уште долго да трае.

– На почетокот постоеше оптимизам дека периодот до Велигден може да доведе до конечен договор, што едноставно ќе се ратификуваше во април или мај, на начин на кој ќе одбереше секоја страна. ПЈРМ сигурно со референдум. Меѓутоа, во пракса разликите се покажаа многу посериозни од тоа што беа оценети на почетокот, не толку многу поради дипломатското растојание, туку поради сериозните политички пречки со кои што се соочуваа и двете влади во претходните месеци – напиша „Катимерини“.

Заменик министерот за надворешни работи на Грција Јанис Аманатидис, вчера за грчкото радио „Realfm“ изјави дека за одредени прашања има приближувања, за други се уште се преговара, направени се чекори, а позитивно е тоа што има политичка волја.