Мерката за физичко растојание во Велика Британија ќе биде укината од 21 јуни, во рамки на плановите сите ресторани, пабови, театри и кина да бидат отворени со полн капацитет.

Во некои случаи, ќе треба да се носат маски за да се ублажат ризиците, но ова значи дека локалите и објектите ќе можат повторно да бидат отворени со полн капацитет првпат по 15 месеци.

Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, потврди дека некои ограничувања ќе останат и по 21 јуни, предизвикувајќи загриженост за угостителската индустрија. Тој рече дека ќе мора да останат некои ограничувања и заштитни мерки.

– Тоа претежно ќе биде поврзано со носење маски за лице – рече тој.

Засега се смета дека ова ќе се однесува на носење заштитни маски во киносалите и театрите.