Стејт департментот на САД соопшти дека Белград и Приштина треба да ги избегнат провокациите, да ги отстранат препреките и да се вратат на преговорите, откако беше откажан состанокот на лидерите на Србија и на Косово што требаше да се одржи во Париз на 1 јули.

САД продолжуваат да го поддржуваат дијалогот со посредство на Европската унија (ЕУ) со цел за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, се наведува во соопштението.

Од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон вчера потврдија дека претходно планираната средба во Париз, на која требаше да се разговара за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, нема да се одржи, пренесува „Танјуг“.

На состанокот во Париз, кој беше најавен за време на средбата во Берлин кон крајот на април, беше планирано највисоките претставници на Србија и Косово да разговараат во присуство на Макрон и на германската канцеларка, Ангела Меркел.