Бугарските власти се во постојан контакт со македонските колеги додека трае акцијата за доаѓање до местото на кое вчера се урна авионот Цесна кај Солунска Глава, со што специјализиран тим од соседната држава е на готовс, доколку се увиди потреба за негово испраќање во Македонија за учество во акцијата, пренесуваат бугарските медиуми.

Ова го најавија бугарскиот премиер Бојко Борисов, како и министерот за надворешни работи Младен Маринов во изјави за тамошните медиуми. Борисов истакна Бугарија подготвила хеликоптер кој би можел да полета за Македонија веднаш штом биде потребно. 

Екипи на МВР и на другите надлежни институции денеска ја продолжуваат акцијата да стигнат до остатоците од авионот кој вчера попладне се урна кај Солунска Глава при што загинаа четири лица државјани на Бугарија. Акцијата беше прекината синоќа поради лошите временски услови и непристапниот терен. Во авионот што полетал од Охрид за Софија загинале четири лица, според бугарските медиуми.

Мартин Петров од Техничкиот факултет во Софија посочи оти не е исклучена ниту една можност за несреќата, додека трае истрагата, како што се на пример, пилотската грешка, дефект или лошите временски услови.

– Не е допуштено да се влегува во такви облаци во овој вид на авион, особено во случаи на силни турбуленции, што е особено опасно бидејќи може да предизвика пад на авионот – вели Петров.