Руди Џулијани

Авторка: Мејв Ристон

Си-ен-ен

Во изминатите три години, Руди Џулијани шеташе низ светот со имунитет како еден вид на самостоен амбасадор на претседателот Доналд Трамп, чија задача беше да ги отстранува можните проблеми за американските советници за национална безбедност и за дипломатите, додека ја спроведуваше волјата на претседателот.

Но, новите извештаи укажуваат дека човекот кој некогаш важеше за „градоначалник на Америка“ истовремено работел и на лично богатење, а неговите своеволни чекори сега се ставени под лупа, па дури и самиот претседател се дистанцира од личниот адвокат.

Поранешниот градоначалник на Њујорк вечера имаше многу лош ден кога се заострија испитувањата околу неговите деловни зделки наведени во новите извештаи од „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“. Во нив се споменува дека ја искористил блиската врска со претседателот за да склучува профитабилни договори во Украина за да го зајакне влијанието на неговата фирма „Џулијани партнерс“ и лично да се збогати.
Непријатните извештаи беа откриени токму кога правните органи ги испитуваат мотивите зад напорите на Џулијани да ја тргне од функцијата поранешната американска амбасадорка во Украина, Мари Јованович, без разлика дали тие биле по налог на Трамп, или на украински претставници кои сакале да ја тргнат. „Си-ен-ен“ исто така пренесе дека федералните обвинители ги испитуваат деловните зделки на Џулијани, како дел од пошироката истрага за деловните соработници, која може да опфати криминални обвиненија од заговор, опструкција на правдата, злоупотреба на финансирањето на кампањата и перење пари.

Врските на Џулијани

Федералните обвинители во Њујорк ги истражуваат врските на Џулијани и неговите соработници со украинската државна нафтена и гасна компанија. Вчера „Си-ен-ен“ објави дека Џулијани бил недоследен во одговорите за неговите врски со украински олигарх за кој претходно изјави дека „немал никаква поврзаност“. Во вторникот во радио-емисијата на конзервативниот водител Бил О’Рајли, Трамп изјави дека не знаел што прави во Украина поранешниот градоначалник на Њујорк, и покрај тоа што претходно имаше спротивни изјави. Ова многу потсетува на тоа како Трамп се справи со поранешниот личен адвокат Мајкл Коен, кој сега отслужува тригодишна затворска казна.

На прашањето на О’Рајли, дали Трамп му наредил на Џулијани да замине во Украина или да врши притисок врз државата, претседателот негираше таква наредба, но „тој заминал таму затоа што веројатно сметал дека има нешто, затоа што како адвокат имал и други застапници“. Тој исто така истакна дека Џулијани со години имал врски со Украина. Сепак, тешко е да се поверува дека Џулијани имал поважни клиенти од претседателот, но Трамп е контрадикторен во неговата претходна изјава за украинскиот претседател Владимир Зеленски околу нивниот телефонски разговор од 25 јули. Според првичниот транскрипт на разговорот, Трамп му рекол на новиот претседател „дека ќе му рече на Џулијани да стапи во контакт со него“ и дека „Руди е многу упатен во настаните“.

Ова исто така е контрадикторно на сведочењето на Гордон Сондленд, амбасадорот на Трамп во ЕУ, кој изјави дека Џулијани ги застапувал интересите на Трамп во Украина, со цел да му обезбеди состанок со Белата куќа на новиот украински претседател во замена за негова помош околу истрагата за мешање во претседателските избори во 2016 година од страна на поранешниот потпретседател Џо Бајден и неговиот син Хантер Бајден, кој бил дел од одборот на украинската енергетска компанија „Буризма“. Но не постојат докази дека Бајденови направиле некаков прекршок.

Сондленд во својата изјава вели дека „заедно со секретарот Пери и амбасадорот Вокер работеле со Џулијани на украински прашања по директна наредба на претседателот. Тие не сакале да соработуваат со Џулијани, но морале да ја послушаат наредбата. Биле свесни дека ако одбијат да работат со него, ќе загубеле важна шанса да ги зацементираат односите меѓу САД и Украина“.

Ново ниво на хаос

Вестите дека Џулијани преговарал за лични финансиски зделки токму со истите луѓе од кои барал информации додадоа ново ниво на хаосот во сомнителната дипломатска операција што ја водел. „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“ пренесоа оваа недела дека Џулијани остварил зделки вредни стотици илјади долари со украински претставници додека истовремено ги користел неговите врски да пронајде компромитирачки информации за Бајденови.

Иако детали не се откриени, сепак ваквите извештаи се важни затоа што прво ги поткопуваат првичните изјави на Џулијани според кои ловел можни клиенти во Украина, кои очајно сакале да ги зајакнат врските со САД и главниот клиент, претседателот Трамп.

„Њујорк тајмс“ објави докази дека Џулијани склучил соработка со украинското министерство за правда кое му исплатило 300.000 долари затоа што им помогнал да повратат украдени пари. Исто така му бил адвокат на поранешниот главен јавен обвинител Јуриј Луценко кој му платил најмалку 200.000 долари, како и на правниот тим на сопружниците Џозеф ди Џенова и Викторија Тенсинг кои исто така се поврзани со Трамп.

Џулијани порача дека не му наплаќал на претседателот за правни совети, а за да се одбрани ги обвини „Њујорк тајмс“ за ширење лажни вести и ги негираше деловните зделки во Украина. Во минатонеделната изјава за „Фокс њуз“, тој наведе дека претседателот нема да го направи жртвено јагне затоа што имал гаранции. Подоцна Џулијани додаде дека се шегувал во изјавата која повеќе личеше на предупредување до Трамп дека нема да се предаде без борба, како во случајот на Коен.

Превод: Билјана Здравковска